fbpx

Фиктивно сценарио за пандемија извадено од контекст

-

Во конкретниот случај се работи за монтажа на фиктивно сценарио за пандемија со вистински интервјуа од Бил Гејтс. Прикажан е видеоматеријал за симулација на пандемија во кој се презентира како би изгледало справувањето со пандемијата и како тоа би било објавувано на вестите, а во горниот десен агол од мониторот е испишано дека станува збор за фиктивно сценарио. За да се креира погрешна слика дека пандемиите се планирани однапред, на ова видео е залепено и интервју со Бил Гејтс од 2020 година, во кое тој споменува концепт на биотерористички напад, како некое можно сценарио. Така што не станува збор за некаков план за идна пандемија, особено зашто вакви вежби се спроведуваат од страна на научната заедница и владините агенции со години, и тоа не само за здравствени, туку и за други неприлики, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

Чичко Кил Бил и Пандемија 2.

Потоа се споделува видеоматеријал за којшто не се кажува дека е фиктивно сценарио, туку се претставува како во светот вештачки да се креира нова пандемија –  пандемија 2.

За што, всушност, се работи?

Видеото претставува симулација на пандемија, при што се презентира како би изгледало справувањето со пандемијата и како тоа би било објавувано на вестите,  а во горниот десен агол од мониторот е испишано дека станува збор за фиктивно сценарио (this is the a fictional scenario).

Фото: Принтскрин видео

Фиктивниот вирус во видеото се вика СЕРС (Severe Epidemic Enterovirus Syndrome 2025). Во симулацијата, се информира дека во последните шест седмици имало 500 потврдени случаи и потоа се споделуваат експертски мислења за справувањето со неа. Во постот што го рецензираме не е наведено дека се работи за симулација, со што се креира погрешна слика  дека пандемиите се планирани однапред.

За да се засили овој лажен впечаток се користи и интервју со Бил Гејтс од 2020 година, кое е залепено за ова видео и во кое тој споменува концепт на биотерористички напад, како некое можно сценарио. Потоа во друго интервју Гејтс вели дека некои земји ја избегнаа ковид пандемијата како Тајван, Нов Зеланд и Австралија затоа што се подготвиле, па така треба да направи и остатокот од светот, да се подготви.

Видето што се споделува во постот што го рецензираме е од  настанот Catastrophic Contagion, организиран во Белгија на 23 октомври 2022 година во Белгија, од страна на центарот за здравствена сигурност Џонс Хопкинс, СЗО и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.

На настанот имаше десет сегашни и поранешни министри за здравство и високи лица од јавното здравство од Сенегал, Руанда, Ангола, Сингапур, Индија и Германија.

Тие сите учествуваа во симулиран состанок на советодавниот здравствен комитет на СЗО, кој, според сценариото, е во 2025 година за да долови фиктивна пандемија со висока стапка на смртност, повисока од онаа на ковид-19, која афектира деца и млади.

Вежбите за подготвеност за пандемија не се доказ дека пандемиите се планирани иако такви наративи или инсинуации во кои се пропушта контекстот се карактеристика на теоретичарите на заговори.

Ројтерс пишува дека вежбите за подготвеност не се нови и постојат за да им помогнат на експертите и на лидерите  да ги тестираат нивните способности за одговор и да идентификуваат области за напредок во случај на ширење на болест. Овие фиктивни сценарија не се само за инфективни болести, туку и за природни катастрофи или нуклеарни настани, на пример.

Директорката на центарот за здравствена сигурност Џонс Хопкинс, Cagla Giray, за Ројтерс вели дека фиктивната пандемија претставена во сценариото на ниеден начин не е предвидување и додава дека патогенот во вежбата е измислен како едукациска техника за да им се помогне на учесниците околу дилемите во политиките кои се предвидливи за време на големи здравствени итни состојби.

Портпаролот на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, исто така, за Ројтерс изјави дека тврдењата дека вежбата е доказ за „планирана“ нова пандемија, се лажни.

И експерти од областа на здравството велат дека вакви вежби се корисна алатка и подолго време наназад  се практикуваат за подготовка за ширење болести и други катастрофи.

Вежбите може да се користат за подигање на свеста, за тестирање на капацитетите или за да се идентификуваат пропусти во системот кои треба да се решат. Овие вежби, исто така, се еден од четирите начини за подготвеност за глобална јавноздравствена сигурност препорачана од СЗО преку нивната рамка  за мониторинг и евалуација на меѓународните здравствени прописи, вели за Ројтерс, професорката на Џорџтаун Универзитетот Ребека Кац.

Таа додава дека подготовката за идни настани е добра практика.

Професорката за здравствени политики од Центарот за подготовка за одговор на епидемии на Универзитетот во Лондон за хигиена и медицина, Сандра Муниер – Џек, исто така, овие вежби ги смета за добра практика којашто се спроведува многу години за да се подготви соодветен одговор на некоја пандемија.

Вежби за повеќе катастрофални сценарија регуларно се планираат, било да се работи за терористички настан, природна катастрофа или слично, вели Ирвин Редленер, од Националниот центар за подготвеност за катастрофи на Универзитетот Колумбија.

Обично овие настани се организирани од академски организации и владини агенции.

Ројтерс пишува дека записи за претходни симулациски вежби за подготвеност за јавното здравје може да се најдат барем од 2001 година, кога Центарот за здравствена сигурност, Џонс Хопкинс ја ко организираше настан „Црна зима“, симулација за ,„напад на сипаници врз граѓаните на САД“.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот. Во конкретниот случај се работи за монтажа на фиктивно сценарио за пандемија со вистински интервјуа од Бил Гејтс. Не станува збор за некаков план за идна пандемија, особено зашто вакви вежби се спроведуваат од страна на научната заедница и владините агенции со години, и тоа не само за здравствени, туку и за други кризни ситуации.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Владата одлучи дека проблемот со специјализантите ќе го реши по изборите

Владата на денешната седница ја разгледала Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани...