Агенцијата „Фич“ го ревидираше изгледот на кредитниот рејтинг на земјава од негативен во стабилен, соопштија Министерството за финансии и Народната банка.
Од „Фич“ велат дека отпорноста на домашната економија кон влијанијата на глобалната пандемија и конфликтот во Украина, како и макроекономската стабилност која се одржува со кредибилна и кохерентна финансиска политика, конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс, овозможија РС Македонија да добие кредитен рејтинг „ББ+“ со подобрен изглед – од негативен во стабилен.
Во извештајот „Фич“ го истакнува намалувањето на буџетскиот дефицит на 4,5% од БДП во 2022 година од 5,4% во 2021 година како клучен фактор за стабилниот изглед. Очекувањата на Агенцијата се дека дефицитот дополнително ќе се намали при што во 2024 година ќе достигне 3,2% од БДП како резултат на намалување на мерките за енергетската криза, даночните прилагодувања, како и заживувањето на економијата.
И покрај притисоците од увозните цени на енергентите врз трговскиот дефицит, во 2022 година девизните резерви забележаа раст од 270 милиони евра. Со тоа девизните резерви и понатаму остануваат на ниво коешто според меѓународните стандарди е адекватно за поддршка на стратегијата на стабилен девизен курс. Банкарскиот сектор е стабилен и не беше зафатен од скорешните глобални стресови.
Стапката на инфлацијата започна да се намалува од ноември наваму и се очекува тој тренд да продолжи оваа година, се вели во извештајот.
Според „Фич“, позитивен придонес кон зајакнување на фискалната консолидација, што би придонело кон намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на долгот, ќе даде поддршката на ММФ преку Инструментот за ликвидност и претпазливост.
Дополнително, Агенцијата очекува ублажувањето на цените на храната и енергијата да ја намали инфлацијата на 4,1% во 2024 година.
Од Агенцијата нотираат дека почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, што може позитивно да влијае на зголемување на рејтингот во иднина.