Фудбалската федерација на Македонија ја доби довербата од УЕФА за организација на ексклузивниот дуел меѓу победниците на Лигата на шампионите и Лигата на Европа за сезоната 2016/17 година, објави ФФМ.
Одлуката ја донесе извршниот комитет на Европската фудбалска унија на состанок во Прага, а на прес-конференција ја соопшти Џани Инфантино, генерален секретар на УЕФА.
Скопје во август 2017 година ќе биде домаќин на двете најдобри екипи на европска почва.
– Скопје е првиот град во регионот кој добива организација на вакво престижно фудбалско натпреварување, што претставува голема чест, но и голема одговорност. Суперкупот е настан кој ќе биде голем импулс и мотивација за развој на фудбалот во нашата земја и, секако, во регионот, а воедно и одлична можност Македонија да се промовира и да се афирмира пред светската јавност. Со добивањето доверба да бидеме домаќини на настанот кој го следат милиони луѓе во светот, нашата организација станува чувар на националниот идентитет и горди сме што УЕФА ја препозна нашата посветеност на фудбалот и подготвеноста да бидеме одлични организатори на големиот спортски настан – изјави Илчо Ѓорѓиоски, претседател на Фудбалската федерација на Македонија.