Познатиот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен, кој се залагаше за модерен и демократски Ислам и беше обвинет од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за организирање на пучот во Турција во 2016 година, починал во САД, пренесува Ројтерс.
Движењето на Ѓулен, познато како „Хизмет“ што значи „услуга“ на турски, има за цел да шири умерена верзија на Исламот кој промовира образование во западен стил, слободниот пазар и меѓуверска комуникација. Има милиони следбеници, но е речиси целосно потиснато во Турција со што е опаднато неговото влијание глобално.
Ѓулен беше близок сојузник на Ердоган сè до декември 2013 година, кога започнаа истраги за корупција против министри и функционери блиски до Ердоган. Се смета оти обвинителите кои ги започнале истрагите биле тесно поврзани со движењето на Ѓулен.
Потоа, Ердоган вели дека Ѓулен стои зад пучот во 2016 година, во кој војници презедоа воени авиони, тенкови и хеликоптери со цел да се смени власта во државата. Околу 250 луѓе загинаа за време на пучот. Ѓулен се оградува од каква било одговорност за пучот.
Тој од 1999 година живее во САД и Турција континуирано бара да биде екстрадиран сметајќи дека е тој е терорист. САД одбива да го екстрадира велејќи дека нема доволно докази кои покажуваат дека тој е терорист.
По пучот, Ердоган ја опиша мрежата на Ѓулен како предавници ветувајќи дека ќе ја искорени. Стотици училишта, компании, медиуми и здруженија поврзани со Ѓулен беа затворени, со што сериозно се намали влијанието на движењето.
Ѓулен се смета за терорист во Турција и е претставен како еден од главните непријатели на државата.
