Фестивалот на јапонска култура Нихон-џи 2.0 ќе се одржи на 27 мај во „Мала станица“

Фестивалот Нихон-Џи е единствениот од својата природа во земјата

За прв пат, минатата година, домашната публика од сите генерации беше раздвижена  од дебитното издание на еден поинаков фестивал – Фестивалот за јапонска култура, наречен „Нихон-џи“, кој привлече голем број на посетители од сите сегменти на заедницата. Годинава, во подобрено и побемно издание годинава ќе се одржи на 27 мај во Национална галерија „Мала станица“.

За „Нихон-џи 2.0 – Неонски бранови“, неформалната организација на јапан@мк  подготви уште побогата програма, овојпат, фокусирајќи се на мноштвото контрадикции кои ги содржи јапонската култура, а кои сепак симбиотично и беспрекорно функционираат, заедно креирајќи одличен рецепт за успех.

Токму поради тоа, и ова издание ќе биде исполнето со содржини за сите вкусови на публиката.

Публиката ќе има можност да проследи презентации и работилници поврзани со традиционална и поп-култура и панели на сериозни општествени и филозофски теми, и технологија.

Присутните ќе уживаат во забавни дебати предводени од членови на дебатниот клуб МОФ и квизови организирани од волонтерите на фестивалот за аниме љубителите. Особено атрактивен е и гејминг делот во чии рамки ќе се одржат два турнира, катче за друштвени игри и бројни други изненадувања.

Програмата на Нихон-џи 2.0 ќе биде дополнително збогатена со читање на хаику поезија на македонски хаику поети и музички настапи во живо на Елена Христова, музичкиот состав Maribosi и DJ сет на Andrea Hz.

Публиката ќе ужива во презентација на модни креации на познати современи македонски дизајнери и студенти на Факултутетот за мода и дизајн инспирирани од јапонска мода и традиционална облека.

Две простории во „Мала Станица“ ќе бидат облагородени и со две уметнички изложби, од кои во едната ќе бидат претставени дела од реномирани македонски уметници, а другата ќе прикаже дела на младите креативци кои се пријавиле на отворениот повик.

Посетителите ќе имаат прилика да си понесат и нешто со себе од продажниот дел на фестивалот каде ќе бидат изложени изработки, книги, манга и облека инспирирани од јапонска култура. Уште едно специфично искуство на фестивалот е приликата да се дегустираат различна јапонска храна и пијалоци.

Минатогодишното еднодневно фестивалско издание на Нихон-џи се одржа во „Јавна соба“ и привлече околу 2.000 посетители од сите возрасти и вклучи речиси 150 учесници кои ја воодушевија публиката со бројни работилници, изложби, панел дискусии, поезија, презентации, проекции, концертни изведби, гејминг турнири и богата продажна секција на производи инспирирани од јапонската култура.

Сите заинтересирани може да погледнат фотографии, видеа или други информации за сите настани на Јапан@мк на било кој од социјалните медиуми (Instagram, Facebook, Youtube), како и на страната japan.net.mk.

Фестивалот Нихон-Џи е единствениот од својата природа во земјата.