Фестивалот EXIT презакажан за 2021 година

егзит фестивал

Веќе е извесно дека фестивалот Егзит нема да се одржи годинава поради коронавирусот. Организаторите на фестивалот во понеделникот се огласија на социјалните мрежи појаснувајќи дека се одлучиле на овој чекор поради здравствената безбедност на учесниците и публиката.

„Откако после нашето последно обраќање, здравствената ситуација во земјата (Србија) за жал не се подобри, а имајќи предвид дека здравјето и безбедноста на сите учесници на фестивалот нам ни се на прво место, ве известуваме дека одбележувањето на 20 години Exit фестивал дефинитивно нема да се одржи од 13 до 16 август годинава на Петроварадинската тврдина. Новото помесување на датумот на фестивалот е еден обемен и сеопфатен процес кој бара време, па ве молиме за уште малку трпение“, стои во известувањето од тимот на Егзит.

Најавуваат дека до крајот на месецов ќе бидат објавени датумите за одржувањето на ЕXIT 2021, како и известувањата во однос на рефундирање на средствата на оние кои имаат купено влезници.

View this post on Instagram

Important info / Važne informacije

A post shared by EXIT Festival (@exitfestival) on

 

Претходно во мај, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека донеле одлука наместо првичниот датум во јули, Егзит да се помести за во август, затоа што  Владата очекувала до тогаш ситуацијата во цела Европа да биде мирна. Со својата популарност и голема посетеност, Егзит фестивалот  придонесува значително за српскиот туризам и економија.

Од фестивалот изразија загриженост за состојбата на туризмот и манифестациите во Србија, како економски најпогодени сегменти и побараа државата да ја поддржи музичката индустрија како што тоа го направија многу европски земји.

Годинава фестивалот требаше да одбележи две децении постоење. Потврдени беа гостувањата на Robin Schulz, Boris Brejcha, Amelie Lens, Paul Kalkbrenner и многу други изведувачи и диџеи.

Пандемијата ги одложи и македонските фестивали. Ohrid Calling официјално е преместен за во 2021 година, додека според последната инфрмација од Авалон продукција, Skopje Calling ќе се одржи во септември, доколку дозволи ситуацијата со вирусот. Д Фестивал е предвидено да се одржи подоцна во август.