Фејсбук забрани содржини кои ги поддржуваат и промовираат талибанците

Фото: Solen Feyissa, Unsplash

„Фејсбук“ соопшти дека го забранува присуството на талибанците, како и секоја содржина која го промовира нивното движење на платформата, бидејќи смета дека групата е терористичка организација.

Компанијата вели дека има тим од авганистански експерти кои ги разбираат локалните проблеми во Авганистан и ги надгледуваат и отстрануваат содржините поврзани со групата.

Талибанците со години ги користат социјалните мрежи за да ги шират своите пораки, а брзото преземање на контролата врз Авганистан им создаде нови предизвици на технолошките компании за тоа како да се справат со содржините поврзани со талибанците. Авганистан за време на викендот падна во рацете на исламистичката милитантна група, откако талибанците го преземаа главниот град Кабул и Претседателската палата.

„Талибанците се санкционирани како терористичка организација според американскиот закон и ние им забранивме да ги користат нашите услуги според нашите Политики за опасни организации. Ова значи дека ги отстрануваме корисничките сметки што се водат од или во име на талибанците и забрануваме нивно величење, поддршка и застапување“, изјавил претставник на „Фејсбук“ за „Би-би-си“.

Како што соопшти технолошкиот гигант, забраната се однесува за сите платформи кои се дел од „Фејсбук“, односно важи и за Инстаграм и Вотсап.

Претставник на талибанците изминатава недела активно користел и „Твитер“, каде постојано ги информирал своите стотици илјади следбеници за напредокот на талибанските сили кон Кабул. И од „Твитер“ најавија дека нема да дозволат присуство на нивната платформа на групи кои промовираат тероризам или насилство врз цивилите.