Фејсбук тестира нова функција со која на дел од корисниците во САД и Велика Британија им се ограничува бројот на линкови што можат да ги споделат во објави, освен ако не платат месечна претплата од 9,99 фунти, објави Би-би-си.

Од компанијата Мета велат дека станува збор за ограничен тест со цел да се утврди дали објавувањето поголем број линкови носи дополнителна вредност за претплатниците.

Тестот се однесува на одредени корисници на „професионален режим“ и Фејсбук-страници, кои често се користат за промоција и привлекување сообраќај.

Според експертот за социјални медиуми Мет Навaра, ова е уште еден чекор на Мета кон монетизација на клучни функции на платформите.

„Ова не е толку за верификација, колку за ставање основни функции за опстанок зад претплатен ѕид“, изјави тој за Би-Би-Си.

Навaра, кој и самиот бил вклучен во тестот, добил известување дека од 16 декември ќе може да споделува само два линка месечно во Фејсбук-објави, доколку нема претплата. Според него, пораката до креаторите на содржини и бизнисите е јасна: ако Фејсбук е дел од нивната стратегија за раст и сообраќај, тоа сега има цена.

Претплатничкиот сервис „Мeta Verified“, кој веќе постои, им нуди на корисниците на Фејсбук и Инстаграм сина значка, „унапредена“ корисничка поддршка и заштита од лажно претставување. Со новиот тест, како што оценува Навaра, Мета оди чекор понатаму и почнува да ја наплатува и дистрибуцијата на содржини, односно „основната можност да се испраќаат луѓе кон други делови од интернетот“.