Компанијата Фејсбук го подготвува продукцискиот тим што ќе работи на „метауниверзум“, дигитален свет каде што ќе се спојат реалноста со виртуелноста во визија за научна фантастика која што веќе се користи во видео игрите, пишува „Јуроњуз“.
„Можете да размислите за „метауниверзумот“ како олицетворен интернет, каде наместо да гледате само содржина – вие сте во неа“, изјави извршниот директор Марк Закерберг за „Д Врџ“ во интервју минатата недела.
„Метауниверзумот“ е термин што означува сајбер-простор паралелен со физичката реалност, каде што заедница на луѓе може да комуницира во форма на аватари. Овој концепт за прв пат се појавил како термин во научнофантастичен роман уште во 1992 година. Тој се однесува на спојувањето на физичката, аугментираната (АР) и виртуелната реалност (ВР) во заеднички онлајн простор.
Инаку, компанијата Фејсбук, како најголема социјална мрежа во светот, вложи многу во виртуелната реалност и засилената реалност, развивајќи хардвер како што се слушалките Окулус ВР и работи на АР очила и технологии за нараквици.
Исто така, од оваа компанија купија голем број на ВР студија за игри, при што само едно од нив има околу 10.000 вработени кои работат на виртуелна реалност. Од Фејсбук веруваат дека „метауниверзумот“ ќе го наследи денешниот мобилен интернет и ќе им донесе нови возбудливи доживувања на крајните корисници ширум светот.