Фејсбук отстранил седум милиони постови поради дезинформации за корона вирусот

Фото: Kon Karampelas на Unsplash

Во вториот квартал на годинава, односно од почетокот на април до крајот на јуни, Фејсбук отстранил вкупно седум милиони постови, поради ширење дезинформации за корона вирусот, вклучително и оние со препораки за неправилни мерки за заштита или за некои лекарства или начини за лекување.

Во соопштението од најголемата социјална мрежа на светот се појаснува и дека во истиот период, односно во вториот квартал од 2020 година, отстранил 22,5 милиони постови со говор на омраза. Тоа е голем пораст во однос на првиот квартал на годинава, кога се отстранети 9,6 милиони постови, а Фејсбук оваа промена ја објаснува со унапредувањето на неговата технологија за откривање вакви постови.

Биле избришани и 8,7 милиони постови поврзани со „терористички“ организации, како и четири милиони поединечни содржини од групи на „организирана омраза“.

Најголемата светска социјална мрежа порача и дека ја проширува својата политика за сузбивање говор на омраза, па ќе се дејствува и против содржини против црномурестите луѓе и против стереотипите за Евреите што наводно го контролираат светот.

Инаку, на крајот на минатиот месец, во рамките на својата борба против дезинформациите и штетните содржини што се објавуваа, Фејсбук објави дека заедно со Фондацијата Метаморфозис и Вистиномер ќе започне со работа на програма за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија.

„Среќни сме што ја започнавме нашата програма за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија со Вистиномер и Фондацијата Метаморфозис. Борбата против лажните вести е одговорност што ја сфаќаме сериозно, затоа постојано работиме на начини да помогнеме да се запре ширењето на дезинформациите на нашата платформа“ порача Софи Ајерс, менаџер за стратешки развој на Фејсбук.

Оваа програма е во согласност со тројната платформа за развој на софтвер апликации (three-part famework) на Фејсбук за подобрување на квалитетот и автентичноста на вестите во делот „Новости (News Feed)“, при што Фејсбук ги отстранува профилите и содржините што ги кршат нивните Стандарди на заедницата (Community standards) или  политиките за рекламирање (ad policies), ја намалува дистрибуцијата на лажни вести и неавтентична содржина како што е кликбејт и ги информира луѓето давајќи им повеќе контекст на објавите што ги гледаат.

Во однос на говорот на омраза против Евреите, пред два дена регираше и Организацијата на Евреите во Бугарија (ОЕБ) „Шалом“. Таа, испровоцирана од изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на бугарската партија ВМРО, Красимир Каракачанов, „Соросоидни НВО-а сакаат да ја земат власта, да воведат геј бракови“, порача дека прогласувањето на луѓе за „Соросоиди“ е еднакво на антисемитизам.