Фејсбук нема да ги отстранува објавите со тврдења дека ковид-19 потекнува од човекот

Fejsbuk/ Фејсбук
Фото: solenfeyissa на Unsplash

Фејсбук одлучи да ја промени својата политика, односно повеќе да не ги отстранува објавите во кои се тврди дека вирусот ковид-19 потекнува од човекот. Одлуката доаѓа по повторното актуелизирање на темата за потеклото на вирусот во медиумите и по наредбата на американскиот претседател Џо Бајден за разузнавачките служби да ја истражат хипотезата дека вирусот излегол од лабораторија.

Промената во политиката на Фејсбук е направена „по консултации со здравствени експерти“, тврди извор за „Политико“.

Американскиот претседател Џо Бајден во средата соопшти дека разузнавачката заедница верува во две можни сценарија: првото е дека вирусот почнал да се шири откако човекот имал контакт со заразено животно, а второто, дека заразата настанала како резултат на лабораториска грешка. Сѐ уште нема доволно докази за да се потврди било кое од двете сценарија.

Досега, доколку некој од корисниците на Фејсбук објавеше тврдења дека ковид-19 е создаден од човек или произведен во лабораторија, неговите објави можеа да бидат отстранети или етикетирани, а повеќекратното споделување на такви тврдења можеше да доведе до целосна забрана за користење на Фејсбук.

Фејсбук уште минатата година објави дека ќе ги отстрани погрешните тврдења и теории на заговор за корона вирусот, доколку истите можат да им наштетат и да доведат до физичка повреда на луѓето. За време на пандемијата на оваа социјална мрежа се ширеа разни погрешни информации за наводни лекови против ковид-19, по што Фејсбук беше критикуван поради пристапот кон дезинформациите.

Во декември, кога дел од земјите го почнаа процесот на вакцинација, од оваа социјална мрежа соопштија дека ќе ги отстрануваат и дезинформациите за вакцините против ковид-19. За да го намали ширењето на дезинформациите, компанијата создаде начини да ги известува корисниците за тоа каде можат правилно да се информираат за вакцините низ платформите на Фејсбук.

Инаку, заедничкото научно истражување на Светската здравствена организација (СЗО) и Кина за потеклото на корона вирусот, кое беше објавено во март, покажа дека е „многу неверојатно“ вирусот да се појавил во лабораторија, и дека најверојатно од сценаријата што ги евалуирале истражувачите е дека SARS-CoV-2 се пренел од лилјаците врз луѓето преку друго животно.

Другите социјални мрежи, како Јутјуб, Твитер и Снепчет, сѐ уште не соопштија дали ќе се придружат кон новата политика на Фејсбук.