Бебето кое е прикажано на сликата воопшто не е болно од рак на кожа, а веќе не е ни бебе, затоа што фотографијата е стара 13 години. Според пребарувањата на Гугл, јасно се гледа дека оваа фотографија нема никаква поврзаност со дете болно од рак на кожата, ниту со Македонија. Оваа фотографија, заедно со уште две слични, првично се објавени на личен блог на жена од САД и тоа во 2008 година, пишува Вистиномер.мк.

Емотивна Фејсбук објава на која е прикажана фотографија со бебе кое има осип и црвенило на лицето масовно се шири веќе шест години. Објавата тврди дека на фотографијата е прикажано детенце болно од рак на кожа. Но, ова не е точно и претставува играње со сентименталноста на јавноста за добивање поголема видливост.

„Ова детенце е болно од рак на кожата…
Со секој ваш лајк тимот на фејсбук донира 30 центи…
Со секој ваш коментар тимот на фејсбук донира 70 центи…
Со секое ваше споделување тимот на фејсбук донира 1 евро…
Ајде да му помогнеме“

Објавата датира од 2014 година, но во последните неколку денови е повторно активна, со голем број споделувања и коментари. Луѓето, тргнувајќи од емотивни побуди, ја споделуваат сликата, поголемиот дел најверојатно со најдобри намери да му помогнат на детенцето. Фотографијата е објавена на Фејсбук страна „Република Македонија – Republic of Macedonia“, со што може да се добие впечаток дека детето е од Македонија. Но, она што треба да се знае е дека описот на фотографијата е неточен и тоа на повеќе нивоа.

Прво, бебето кое е прикажано на сликата воопшто не е болно од рак на кожа. Потоа, воопшто веќе не е ни  бебе, затоа што фотографијата е стара 13 години. Не било бебе ниту кога е објавен статусот во 2014 година. На крај, Фејсбук не донира пари со вашата активност на објавата.

Според пребарувањата на Гугл јасно се гледа дека оваа фотографија нема никаква поврзаност со дете болно од рак на кожата, ниту со Македонија. Фотографијата, заедно со уште две слични, првично се објавени на личен блог на жена од САД и тоа во 2008 година. Пред речиси 13 години! Мајката на бебенцето ги објавила фотографиите како лична приказна за нејзиниот син Гарет на кого му се појавило црвенило и осип на лицето.

После четири и пол години, во 2013 година, мајката повторно пишува на истиот блог со објаснување дека некој ѝ ја украл фотографијата и на интернет ја споделува како фотографија која прикажува бебе со сипаници. Таа во текстот објаснува дека детето немало сипаници, туку дека осипот му се јавил од топлина, бидејќи имал чувствителна кожа и дека и осипот и црвенилото исчезнале после неколку часа.

Секој кој ќе ја види оваа објава ќе му предизвика одредена емоција. И во желба да помогне, ќе преземе некаква акција на социјалната мрежа, со надеж дека Фејсбук навистина ќе донира. Но, тоа е измама. Фејсбук не донира пари, без разлика колку пати  и да ја споделите објавата или да искоментирате.

Портпаролот на Фејсбук за сервисот за проверка на факти на АФП изјавил дека нема вистина во тврдењето дека социјалната мрежа донира во добротворни цели секој пат кога ќе се сподели објава.

Фејсбук не донира по акција. Имајте предвид дека ваквите вести не се точни, изјавил портпаролот.

Но, и покрај ова, фотографијата е вирална и масовно се шири од 2014 година. Досега таа има над 16.000 реакции, речиси 5.000 коментари и 6.400 споделувања.

Оваа фотографија заедно со лажното објаснување, си поигрува со емоциите на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук само за добивање на што повеќе кликови и видливост и со тоа ја наведува јавноста да помисли нешто што не е точно, пишува Вистиномер.мк.