Фејсбук ќе поттикнува првин да го прочитате текстот што го споделувате

Фото: Solen Feyissa, Unsplash

Следниот пат пред да споделите некој текст на Фејсбук пред да го прочитате, социјалната мрежа би можела да Ве потсети да размислите што правите.

Фејсбук најави дека почнува со тестирање на нова функција, која ги потсетува корисниците да ги отворат линковите и да ги прочитаат текстовите пред да ги споделат на својот профил или на некој страница. Испитувањето ќе опфати шест отсто од сите корисници на оперативниот систем Андроид.

Овој потег е во рамките на заложбите на социјалната мрежа да се намали масовното ширење дезинформации и манипулации, како и опасни содржини. Ваквиот чекор не е новост – Твитер, на пример, слична опција почна да испитува во јуни лани, а потоа ја насочи кон поголем број корисници во септември.

Така, сега ако сакате да пресподелите некој линк на Фејсбук што не сте го кликнале, односно отвориле надвор од Фејсбук, ќе се појави предупредување што правите и дека споделувањето текстови без претходно читање значи дека може да пропуштите некои клучни факти.