Фејсбук ќе потроши 50 милиони долари во изградба на „метаверзумот“, се откажа од „Instagram Kids“

Фото: Souvik Banerjee / Unsplash

Фејсбук објави фонд од 50 милиони американски долари, за кој вели дека ќе му помогне да го развие својот „метаверзум“ поодговорно. Според информациите, средствата од овој фонд во наредните две години ќе бидат инвестирани во програми и надворешни истражувања.

Својот „метаверзум“, Фејсбук го опишува како „следната компјутерска платформа“, а компанијата вели дека ќе работи со креаторите на политики, истражувачите и индустриските партнери додека го гради метаверзумот.

Метаверзумот, според дефиницијата на Фејсбук, е „виртуелен простор каде што ќе можете да создавате и да истражувате со други луѓе“. Целта на фондот тежок 50 милиони долари е да се осигура дека „метаверзумот“ ќе биде изграден за да биде компатибилен со други услуги, како инклузивноста, приватноста, безбедноста и економските можности.

Во моментов најголема програма на Фејсбук е платформата наречена „Хоризонт“, која им овозможува на луѓето да одржуваат VR состаноци.

Во соопштението се додава дека компанијата ќе соработува со организации како „Women in Immersive Tech“, „Africa No Filter“, „Electric South“, а независното надворешно истражување ќе го спроведе со институции како Универзитетот во Хонг Конг и Националниот универзитет на Сингапур.

Од Фејсбук велат дека истражувањата ќе помогнат да се обезбедат одговори кога регулаторите ќе почнат да поставуваат прашања за новата технологија.

Компанијата периодов прави напори за да се покаже како „одговорен сопственик на платформите“. Во понеделникот беше објавено дека Фејсбук престанува со развивање на „Instagram Kids“ – верзија на Инстаграм која ќе биде наменета за корисниците помали од 13 години.

Запирањето на развојот на апликацијата доаѓа откако „Волстрит Журнал“ објави серија извештаи на Фејсбук минатата недела. Меѓу нив е вклучена и приказната која открива дека внатрешни истражувања на Фејсбук покажале оти Инстаграм влијае негативно врз менталното здравје кај девојчињата. Фејсбук го потврди постоењето на извештаите, но рече дека истите се погрешно протолкувани.

Најавата на новата верзија на Инстаграм наменета за најмалите беше критикувана од голем број групи и организации, а Фејсбук одговори дека младите се веќе активни на Инстаграм и ќе биде подобро нивното искуство да биде „надгледувано“.