Фејсбук ќе им исплати милијарда долари на креаторите до крајот на 2022 година

Фејсбук / Facebook
фото: geralt / Pixabay

До крајот на 2022 година, Фејсбук планира да инвестира над една милијарда долари во програми кои им овозможуваат на креаторите нови начини да заработат пари од содржините што ги создаваат на Фејсбук и Инстаграм.

Оваа вест ја соопшти првиот човек на „Фејсбук“, Марк Закерберг, кој повеќе детали за плановите најави наскоро.

„Сакаме да ги изградиме најдобрите платформи за милиони креатори да заработат за живот, па затоа создаваме нови програми за да ивестираме над 1 милијарда долари за да ги наградиме креаторите за одличните содржини што ги создаваат на Фејсбук и Инстаграм до 2022 година. Инвестирањето во креаторите не е новина за нас, но возбуден сум што го прошируваме со тек на времето“, напиша Закерберг.

Парите ќе им бидат поделени на креаторите кои користат разни опции и производи на Фејсбук. Така, креаторите можат да добијат бонуси поради прикажување на реклами за време на нивните видеа или за достигнување на одреден број гледачи на стримовите во живо, додека на Инстаграм креаторите ќе бидат платени доколку овозможат реклами на нивните IGTV видеа или доколку создаваат популарни видеа на „Reels“.

На блогот на Фејсбук пишува дека во план е да бидат наградени особено оние креатори кои штотуку започнуваат да создаваат содржини.

„Нашата цел е да им помогнеме на што поголем број креатори да најдат одржлив, долгорочен успех на нашите апликации“, се вели во соопштението на Фејсбук.

Бонусите засега ќе им бидат достапни само на оние корисници кои добиле официјална покана од Фејсбук, а подоцна во текот на годината овие можности ќе им станат достапни на многу повеќе креатори.

Потегот на Фејсбук доаѓа неколку месеци откако други компании започнаа со слични програми. Апликации како ТикТок и Снепчет веќе им плаќаат на своите креатори за објавување на успешни видеа на нивните платформи. Кога Снепчет ја претстави својата „Спотлајт“ функција во ноември, соопшти дека секојдневно ќе им исплаќа милиони долари на креаторите.