Фејсбук го промени името на компанијата во „Мета“

Фото: Марк Закерберг, Фејсбук

Американскиот интернет гигант „Фејсбук“ го менува своето име во „Мета“, како одраз на напорите на компанијата да изгради дигитален виртуелен свет, познат како метаверзум, истовремено борејќи се со продлабочената криза во односите со јавноста и зголемената регулаторна контрола, објави Фајненшл тајмс.

Говорејќи на годинешната „Фејсбук конект“ конференција посветена на виртуелната реалност, главниот извршен директор Марк Закерберг најави дека брендот „Фејсбук“, „едноставно повеќе не опфаќа сè што правиме“.

„Во моментов нашиот бренд е толку цврсто поврзан со еден производ што не може да претставува сè што правиме денес, а камоли во иднина“, напиша Закерберг на својата Фејсбук страна.

„Метаверзумот ги опфаќа и социјалните искуства и идната технологија. Како што ја шириме нашата визија, време е да усвоиме нов бренд. За да одразиме кои сме ние и каква е иднината што се надеваме дека ќе ја изградиме, горд сум што можам да споделам дека нашата компанија сега е Мета“, потенцираше Закерберг.

Иако компанијата го менува своето име, според Закерберг, постоечките индивидуални платформи и брендови – Фејсбук, Ватсап, Месинџер, Инстаграм и Окулус – нема да се променат.

Инаку, промената на името на компанијата во медиумите во САД беше најавено минатата недела.

Во моментов Фејсбук се соочува со објава на серија на документи и сведочења од страна на поранешниот вработен Франсес Хауген, кој јавно ја обвини компанијата дека ја продлабочува поларизацијата меѓу луѓето ставајќи ги профитите пред безбедноста на корисниците.