Фејсбук воведува опција за онлајн дејтинг, за сега само во САД

Фејсбук ја пушти во употреба најновата опција за онлајн дејтинг во САД. Платформата Фејсбук на дневна база ја користат 1.5 милијарди лица кои отсега ќе имаат можност не само да се поврзат со своите пријатели и да се информираат туку и да најдат романтичен партнер или, можеби љубовта на својот живот.

Од Фејсбук велат дека оваа опција е независна од нашиот профил и ние одбираме дали ќе ја користиме или не. Доколку сакаме да ја користиме потребно е да ја активиреме опцијата и да го создадеме нашиот профил, по што ќе почнеме да добиваме предлози врз основа на нашата локација, нашите интереси, заедничките пријатели и настаните кои сме ги посетиле во минатото. Во најголем дел апликацијата изгледа многу слично на веќе постоечките апликации, кликнете Х доколку не сте заинтересирани и кликнете на симболот срце доколку сте заинтересирани. Но Фејсбук воведува и новини како што се додавањето на Транс-Жена и Транс-Маж како опција, како и опција за безбедност. Доколку одлучите да одите на состанок со личност која сте ја запознале преку оваа апликација имате безбедносна можност да ја споделите вашата локација со ваш пријател или семејството, со што тие ќе знаат каде се наоѓате во секој момент. Опцијата за состанување ќе можат да ја активираат само лица постари од 18 години.

Со оваа опција Фејсбук влегува во индустрија која вреди 3 милијарди долари и веќе има сериозна конкуренција од компании како Тиндер, Бамбл (Bumble) и ОККупид (OKCupid). Сепак експертите се прашуваат дали Фејсбук влегува во оваа индустрија предоцна поради тоа што младите веќе не ја користат оваа платформа во голем број.

Кај нас оваа опција се очекува да биде пуштена во првите месеци од наредната година.