Фармите на млечните и месните гиганти низ светот без јасен придонес кон климатската акција

Photo by Julián Amé on Unsplash

Во пресрет на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), британскиот весник Гардијан во новообјавен текст појаснува дека големите корпорации кои имаат животински фарми низ целиот свет се незауздан производител на метан во атмосферата, односно влијаат негативно врз климатските промени.

За разлика од контролата на емисиите на стакленички гасови кај индустриските капацитети, енергетиката, транспортот или управувањето со отпадот, Гардијан пишува дека владите низ светот немаат јасни цели во намалувањето на емисиите на стакленички гасови кај млечните и месните гиганти. Исто така, постои неуспех за да се намалат емисиите на метан во атмосферата кај овој сектор од земјоделството.

Новото рангирање што го објавува Гардијан обелоденува листа од две француски и една јапонска компанија – глобални корпорации за производство на месо и млечни производи, кои имаат најлоши резултати во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во атмосферата.

Дури и најдобро рангираните млечни и месни гиганти во светот, оценето е дека премногу малку направиле за да го редуцираат испуштањето на метанот. Притоа, ниту една од 20-те компании кои заедно го создаваат „огромното мнозинство“ на емисиите на стакленички гасови во сточарството, немаат конкретни цели за намалување на нивното испуштање во атмосферата.

Гардијан потсетува на предупредувањата на водечките климатолози во светот, кои потенцираат дека метанот игра голема улога во глобалното затоплување на Земјината топка. Токму кај испуштањето на метанот во атмосферата, неопходно е да се вложат најголеми напори во наредните 25 години.

Ен Мотет, директорка за сточарство во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации објаснила дека компаниите досега немале обврска да ги пријават ваквите емисии. Сепак, таа додава дека е многу важно владите и невладините организации да се ангажираат со млечните и месните гиганти во однос на прашањето за метанот.

Инаку, на Конференцијата за климатски промени на ОН што ќе се одржи во првата половина од ноември, светските лидери ќе треба да се договорат за конкретните чекори што ќе се преземат за намалување на емисиите на стакленички гасови. На национално ниво пак, овие преземени обврски се преточуваат во конкретни мерки што треба да се преземат во секторите: Енергетика, Отпад, Индустрија и индустриски процеси, Шумарство, Земјоделство и други употреби на земјиштето.