Фармацевтите – важна алатка во пристапот на младите до информации и услуги за контрацепција

Иако постои пораст на употребата на контрацепција во земјава, дури 10 отсто од нив отпаѓаат на користење на кондомот. Останатите контрацептиви, како што се апчињата и спиралата, сѐ уште премалку се користат

фото: ХЕРА

Фармацевтите се најчесто првите здравствени работници од кои младите бараат информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје, особено во услови на криза. Ова беше истакнато на националната конференција „Младите и фармацевтите – Заедно за достапна контрацепција“, што денеска се одржа во организација на ХЕРА.

Загрижувачки е фактот што над 35 отсто од младите сѐ уште се потпираат на прекинување на сексуалниот однос, како традиционален метод на спречување на непланираната бременост. Иако постои пораст на употребата на контрацепција во земјава, дури 10 отсто од нив отпаѓаат на користење на кондомот. Останатите контрацептиви, како што се апчињата и спиралата, сѐ уште премалку се користат – беше истакнато на конференцијата.

„Имаме системски проблеми, а немаме системски решенија. Оставено е на милоста и добрата волја на поединци и на некои организации да спроведуваат превенција и едукација на народот, а за време на пандемијата со ковид-19 уште повеќе се потенцираа проблемите што си ги имавме од поодамна. Има млади кои финансиски не можат да си дозволат контрацептиви, па единствен начин да се заштитат од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции е да се потпрат на невладиниот сектор кој овие средства ги обезбедува теренски“, истакна Марија Ѓорѓиевска, волонтерка во ХЕРА.

Волонтерката Мартина Павловиќ укажа на неопходноста од воведување на сеопфатно сексуално образование.

„Последниве години се соочуваме со епидемии на некои сексуално преносливи инфекции што мислевме дека веќе не постојат. Само свесни и едуцирани млади ќе знаат што е правилно, кои се нивните права и како да ги побараат и уживаат“, рече Павловиќ.

Најчести бариери со кои се соочуваат младите се високата цена на пазарот, невработеноста и недоволната информираност за видот и начинот на контрацептивите.

„Најважниот совет што фармацевтите им го даваат е да се консултираат со матичен гинеколог“, посочи Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора.

Според неа, многу е важно Министерството за здравство да ги вклучи фармацевтите во своите превентивните програми бидејќи тие се „најдостапните здравствени работници, што значи дека корист би имале не само граѓаните, туку и самиот здравствен систем“.

На постоењето „хормонофобија“ и недоволна информираност предупреди и гинекологот Татјана Гуржанова, која додаде дека досега се развиени сосема безбедни препарати чии негативни ефекти се сведени на минимум.

„Младите попрво би посетиле аптека отколку матичен лекар или гинеколог, заради што едукацијата е важна и за фармацевтите. За да може да ги даде вистинските препораки, фармацевтот треба да ги постави вистинските прашања. Непланираната бременост има многу повеќе негативни здравствени ефекти отколку контрацепцијата – и социјални и психолошки – кои не се краткотрајни и не се реверзибилни. Покрај ова, секогаш се препорачува фармацевтите да ги советуваат младите да користат и бариерна контрацепција заради превенција од инфекции“, истакна Гуржанова.

Позитивната листа на лекови во земјава не е проширена цели 13 години и не вклучува ниту едно контрацептивно средство.

„Поради ова, Македонија е критикувана од глобалните развојни агенции, веројатно со право. Но, од март наваму, откако е донесен новиот Правилник, секој производител може да аплицира во Министерството за здравство и да отпочне постапка за ставање контрацептивното средство на Позитивната листа. Доколку фармацевтите се дел од системот на обезбедување советување и информирање за користење на контрацепција, состојбата во земјата сигурно ќе се подобри“, рече на настанот Ирина Луческа од Фондот за здравствено осигурување.

Државната советничка во Министерството за здравство Сања Саздова рече оти во нашата легислатива не постојат никакви ограничувања за користење на контрацепција за младите, освен согласноста од родителот кога станува збор за малолетни лица и лица со попреченост. Таа додаде дека се очекува усвојувањето на Стратегијата за млади, по што ќе биде подготвен акциски план кој ќе опфаќа и активности за сексуално и репродуктивно здравје на младите.