„Фанк Шуи“ кандидати за HEMI MUSIC AWARDS, тројцата победници ќе се дознаат на 23 мај

HMA (HEMI MUSIC AWARDS) полека се приближува кон крајот на втората фаза. На 23-ти мај (недела), преку онлајн настапи на 9-те финалисти, ќе се одредат тројцата победници на ова натпреварување, информираат од Пасворд продукција. Меѓу деветте финалисти е и македонскиот бенд Фанк Шуи, кои за време на финалниот настан ќе се претстават со песна по сопствен избор. Публиката и судиите ќе имаат шанса подобро да ги запознаат преку интервјуа со секој од финалистите.

Во изминатите два месеци, 9-те финалисти – Thom Artway (CZ), I Wear* Experiment (EE), Deaf Radio (GR), Woodstock Barbie (HU), Funk Shui (MK), Dogs in Kavala (RS), Izzy and the Black Trees (PL), Lucia (RO), Koala Voice! (SI) посетија персонализирани сесии и професионални тренинзи од страна на ментори – експерти во областа на музичката индустрија, кои работат со компании и фестивали како што се Spotify, Songtrust, Google, !Κ7, Sziget, MENT Ljubljana, A38 Ship, Sony/ATV.

Менторите го пренесоа своето знаење и искуство преку вкупно 50 персонализирани сесии на теми како што се издаваштво, монетизација, рекламирање, букинг, ПР,  маркетинг, турнеи, како и изработка на плејлисти.

Од вкупно 285 европски таленти од Централна и Југоисточна Европа, жирито првично избра 27 бендови од 9 држави, меѓу кои од Македонија беа избрани Плутос Даутс, Фанк Шуи и Ју. Во вториот круг влегоа Фанк Шуи, заедно со уште осум европски бендови. Меѓународното жири на Центарот за размена на музички иновации “HEMI”, составено од организатори на фестивали, промотори, менаџери, продуценти и музички новинари може да се погледне тука.

HEMI MUSIC AWARDS (HMA) е нова програма, наменета за талентирани музички изведувачи кои се подготвени да развијат меѓународна кариера и да ја пласираат својата музика на европско ниво. HMA е организирана од HEMI (Центар за размена на музички иновации) – Европска иницијатива која има за цел поддршка на изведувачи и професионалци во музичкиот бизнис од Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Србија и Словенија. Иницијативата е поддржана од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Настанот на 23 мај започнува во 19 часот, а лајв стрим од настапот на деветте финалисти и интервјуата со нив може да се погледаат преку лајв стрим на HEMI Facebook или на HEMI Youtube.