Фалсификатори од Камерун фатени на скопскиот аеродром со над 900.000 евра фалсификувани банкноти

Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера на скопскиот аеродром при влез во земјава биле уапсени Т.Р.Ф.(36) и М.Б.С.(40), двајцата од Камерун, поради сомнение за фалсификување банкноти.

При дополнителна гранична контрола и при преглед на багажот, кај Т.Р.Ф. биле пронајдени 2.591 исечени парчиња хартија на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 2.363 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 463 парчиња со дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 213 со дизајн на банкноти од 500 евра, 2 исечени парчиња хартија на кои од едната страна е отпечатен во повеќе бои дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 78 исечени парчиња хартија без никаква ознака, како и две шишиња со течност и УВ-ламба.

При преглед на багажот кај М.Б.С. пронајдени се 2.072 исечени парчиња хартија со црна позадина на кои од двете страни е отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 50 евра, 1.321 такви парчиња со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 100 евра, 247 со отпечатен дел од дизајнот на банкноти од 200 евра, 104 со дизајн на банкноти од 500 евра, како и 1 француска лична карта на име К.В.С. и 1 камерунска патна исправа на име С.И.Ф. за кои нема податоци дека се вистинити.

Вкупно кај двајцата уапсени, коишто допатувале од Милано, се откриени фалсификати во износ од 902.150 евра.

Вештачењата во Народна банка и Одделот за за криминалистичко – технички испитувања и вештачења при МВР, утврдиле дека примероците се имитации на евро банкноти изработени со користење на професионална опрема. МВР против двајцата Камерунци поднело кривични пријави за фалсификување.