Фото: jorono на Pixabay

Албанскиот портал Фактоје.ал објави напис за феноменот со бугарските пасоши во Албанија. Во написот се вели дека неофицијално, многу припадници на македонската заедница во Албанија, која е распространета во областа Гора во Кукс, Голо Брдо во Либражд и Преспа во областа Корча, добиле бугарски пасоши, бидејќи биле заверени како припадници на бугарското малцинство, законски признато во 2017 година. Но, бугарската амбасада во Тирана и Министерството за надворешни работи одбиле да одговорат за бројот на Албанци кои поднеле барање и добиле државјанство, пренесува Portalb.mk.

Понатаму во написот се вели дека нема официјални податоци за тоа колку граѓани на С. Македонија добиле бугарско државјанство, иако се проценува дека бројките се движат од 50.000 до 100.000.

Фактоје.ал пишува дека преку свои извори дознале оти „треската“ за добивање бугарски пасоши веќе неколку години ги опфатила и албанските државјани на територијата на Република Албанија, иако официјално се покажало дека тоа е речиси невозможно да се потврди.

Она што е сигурно познато е дека по интензивното лобирање од Бугарија (земја членка на ЕУ од јануари 2007 година), албанскиот Парламент официјално го призна, во октомври 2017 година, постоењето на бугарското малцинство на нејзината територија. Ова малцинство е една од 9-те малцински заедници во Албанија, но сепак нема официјален број на населението од ова малцинство, бидејќи последниот попис беше спроведен во 2011 година.

Ова е сè уште дел од жестока дипломатска и политичка дебата, со тврдења од Бугарија и Северна Македонија во врска со националната припадност на малцинствата што живеат на албанска територија.

Оваа ситуација неодамна ја спомена премиерот Рама за време на неговата последна посета на Брисел на 1 март:

Бев многу исплашен од првиот момент кога сфатив дека идентитетските прашања се дискутираат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тоа е најлошата дискусија што е можно да се направи додека ни треба консензус од сите членки на Европската унија за да го направиме следниот чекор, затоа што е емотивен, затоа што е комплексен

Надвор од оваа дебата, Фактоје.ал започна истражување кое е директно поврзано со бројот на Албанци кои сакаат да станат бугарски државјани, обезбедувајќи им уверенија дека припаѓаат на бугарското малцинство во Албанија.

При пребарувањето на социјалните мрежи, пронајдовме неколку страници што овозможуваат медијација за стекнување бугарско државјанство. Таму се наведени документите што мора да се достават за започнување на апликацијата.

Исто така, успеавме да контактираме со некои албански државјани на кои им е обезбеден бугарски пасош или се во фаза на добивање, како дел од ова малцинство.

Ала е еден од многуте луѓе кои заминаа за Велика Британија (непосредно пред нејзиното излегување од ЕУ) откако доби бугарски пасош. За можноста за добивање бугарско државјанство дознал од многу други млади луѓе кои ја користеле својата припадност, семејна врска, па дури и брак за да добијат државјанство.

Роден град му е Либражд, а за да го оствари својот сон, тој ја заврши потребната документација, го спровел интервјуто и ги следел процедурите во бугарската држава. По неколкумесечно чекање, на Ала му било доделено државјанство со декрет од Бугарија.

А.Ц. е жена што чека интервју во бугарското Министерство за надворешни работи за да го продолжи процесот на државјанство. Нè замоли да не објавуваме други информации за нејзиниот идентитет или статус, ни рече дека за да стигне до квалификациската фаза, најпрво ѝ бил даден сертификат од здружението „Просперитет Голоборда“ за нејзиното бугарско потекло. Документацијата, како што истакнува таа, е испратена до Бугарската амбасада и постапката продолжува со бугарското Министерство за надворешни работи, каде апликантот го дава интервјуто и конечно чека на декретот на претседателството на оваа земја за одобрување на државјанството.

П.Б. роден и израснат во Тирана, по потекло е од областа Голо Брдо, со татко од Острен и мајка од Каленја.

„Пасошот сакав да го земам заради мое идентитетско прашање. Секој може да размисли поинаку за овој дел, но за мене е важно како прашање на мојот идентитет. Но, исто така 50 отсто е желба за да бегам оттука. Но, зависи како ќе се одвива ситуацијата овде, ако ситуацијата овде се поправи, нема да мрднам. Овој дел ми е 50-50, да заминам, да останам, но секогаш зависи од тоа како ќе се одвиваат работите тука“, вели тој за Фактоје.ал.

Постапките за добивање бугарски пасош ги почнал во 2016 година, а околу 4 години подоцна, во 2020 година, доби потврда дека неговото барање е одобрено.

„Прво пасош добија членови од моето семејство, братучеди од вујко ми. На почетокот на 2000 г. ми рекоа да одам и да го сторам тоа, но го оставив додека детето не порасне. Желбата за пасош постои оттогаш“, заклучи тој за Фактоје.ал.

Фактоје.ал се обиде да контактира со здруженијата на бугарската заедница во Албанија, од кои едната е „Проспертитет Голоборда“, која е позната по поддршката и помошта што им ја дава на сите жители од бугарското малцинство кои бараат бугарско државјанство. Разговаравме по телефон со претседателот на ова здружение, г-дин Хаџи Пируши, кого го прашавме за бројот на заинтересирани за бугарски пасоши, кои се пријавиле во здружението што тој го води.

За Фактоје.ал Пируши вели:

Во мојата канцеларија за аплицирање од 2006 година до денес не дошле повеќе од 2.000 – 2.500 лица. Додека за бројот на тие што добиле не знам да ви кажам. Ние сме побарале да имаме информации постојано но досега залудно се обидувавме

Здруженијата поврзани со бугарската заедница во Албанија се основани по 1991 година и редовно се занимаваат со промовирање и наследување на традициите на малцинствата.

Доверливи извори за Фактоје.ал изјавија дека околу 80 отсто од жителите од областа Стеблево кои поднеле барање за државјанство биле помогнати од здруженија за успешна апликација да станат бугарски граѓани. Сепак, за време на истражувањето за овој напис, Фактоје.ал наиде на херметичка затвореност на институциите за објавување на податоци поврзани со овој феномен.

Фактоје.ал испрати официјално барање за информации до Министерството за надворешни работи и Бугарската амбасада во Тирана за бројот на албански државјани на кои им е издаден бугарски пасош.

До објавувањето на овој напис сè уште немаме одговор од нив.

Видеоматеријалот на Фактоје.ал на оваа тема, можете да го следите на овој линк.