Хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите „Фактограф“ неодамна остро се спротивстави на потегот на хрватската влада да додели дури 98.000 куни (13.200 евра) неповратни пари на порталот dnevno.hr за редизајнирање. Dnevno.hr е еден од водечките создавачи на дезинформации во хрватскиот медиумски простор, но сепак владата им доделува пари од Европскиот фонд за регионален развој, пишува сервисот за проверка на фактите.

„Со други зборови, хрватската влада реши со европски пари да помогне на портал специјализиран за објавување дезинформации, кои исто така редовно обилуваат и со говор на омраза“, пишува „Фактограф“.

Според сервисот, парите се доделени на јавниот повик отворен во август 2018, а договорот во октомври минатата година бил потпишан со фирмата „Мотус .д.о.о.“ која покрај „dnevno.hr“ е издавач и на други дитигални медиуми.

„Само во октомври 2019 година, „Фактограф“ како неточни раскринка дури десет различни дезинформации што Dnevno.hr ги објави“, пишува сервисот, кој се обидел да добие одговори и од хрватските власти и од Европската Комисија за тоа како и по кој критериум се доделени парите на порталот.

Ова се само некои од дезинформациите што благодарение на „dnevno.hr“ циркулираа на социјалните мрежи пред годинашните избори за Европскиот парламент: На кандидатот на социјалистите за претседател на Европската комисија, Франс Тимерман му импутираа дека заговара масовно доселување на мажи-муслимани како средство за „постигнување на целта на исчезнување на еднонационалните држави“, германската канцеларка Ангела Меркел ја обвинуваа дека на Хрватска се обидува да и го одземе суверенитетот, милијардерот Џорџ Сорос го посочуваа како виновник за миграциите од муслимански земји кон европскиот континент. Не треба посебно да се напоменува дека ниедно од овие тврдења не е точно, што важи и за бројните дезинформации што „dnevno.hr“ низ годините ги распространуваше, а кои „Фактограф“ во повеќе наврати ги раскринкуваше.

Дезинформациите на „dnevno.hr“ што во октомври ги опвргнувавме како неточни се движеа од негирање на климатската криза, преку глорификување на рускиот претседател Владимир Путин до поттикнување нетрпение кон бегалците и мигрантите од Африка и Блискиот Исток“, објаснува „Фактограф“.

Целиот текст може да се прочита тука.