Имунизацијата на населението со вакцини против ковид-19 ги намалила трошоците за хоспитализација на пациенти во македонските болници за 170,8 милиони денари, односно најмалку 2,8 милиони евра во текот на последните пет недели од делта бранот, се наведува во најновиот Бриф за политиките на Фајнанс Тинк.
Од Фајнанс Тинк пресметале дека вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9 отсто и 46,5 отсто. Вакцинацијата во овој период спречила да се заразат дополнително околу 14.500 луѓе во текот на последните 3 и пол месеци.
Наспроти ова, отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4.595 неделни хоспитализации на пациенти во болниците.
Инаку, од Фајнанс Тинк им препорачуваат на носителите на политики, приватниот сектор, медиумите и истражувачите да придонесат во забрзување на темпото на вакцинација во земјава.