Преговарачи од повеќе од 190 земји учествуваат на конференција во Париз на која треба да се постигне договор сите земји да ги намалат вештачките емисии на јаглерод диоксид и на други стакленички гасови и да им се помогне на најсиромашните да се прилагодат на зголемувањето на нивото на морињата и други последици што ги предизвикуваат климатските промени.
Францускиот министер за надворешни работи, Лоран Фабијус, изјави дека меѓународниот климатски договор ќе биде правно обврзувачки.
Фабијус нагласи дека целта на договорот е до крајот на векот да биде ограничено зголемувањето на глобалните просечни температури на помалку од 2 Целзиусови степени, а ќе се настојува глобалното загревање да се ограничи на 1,5 Целзиусов степен.
Тоа беше главното барање на малите островски земји и сиромашни држави. Новиот, конечен нацрт на договорот наскоро треба да биде претставен на светските преговарачи. Документот има околу 20 страници.