Три четвртини од вработените и од компаниите во Македонија се погодени од економската криза предизвикана од ширењето на Ковид-19. Состојбата кај самовработените и микро-бизнисите е дополнително критична. Најчест механизам што го примениле работодавачите за прилагодување на корона-кризата е намалување на платата и прекинување на секакви дополнителни исплати.

Невработените изгубиле надеж дека ќе најдат работа, а доходот во нивните домаќинства се намалил. Повремените приходи прекинале кај невработените со инцидентни работни ангажмани. Најголем дел од населението може да издржи најмногу до три месеци во тековните економски околности, а главниот механизам за справување со економската криза е сведување на потрошувачката на минимум.

Ова го покажува најновата публикација на Институтот за економски истражувања, „Фајненс тинк“: „Економските ефекти од корона-кризата – Квалитет на животот“, која базира на анкетни и административни податоци.

Интернет анкетата е спроведена од 6 до 14 април 2020 година, на хетероген примерок од 520 испитаници.

Според податоците од публикацијата, иако корона кризата започна да се чувствува  пред се во туризмот, угостителството и малопродажбата, таа за кратко се прошири низ целата економија. 75,9 отсто од испитаниците одговориле дека компанијата во која работат е погодена од оваа криза, најмногу поради мерките на државата со кои се наложи затворање на одредени компании, и/или затоа што нивниот промет значително опаднал.

„Од вработените, 78,3 отсто одговориле дека од корона-кризата се погодени лично, а 10,8 отсто рекле дека биле отпуштени од работа. Најчестиот начин на кој работодавачите реагирале на кризата во првиот месец од поjавата, е преку намалување на платата на вработените, за што се изјасниле 25,6 отсто од анкетираните. Меѓу најчестите одговори на работодавачите биле: имаме проблем да ги пласираме нашите производи, да набавиме суровини и репроматеријали, многу работници користат боледување за чување на своите деца, за да го одржам бизнисот посегнав по некои заштеди, морав да ги отпуштам вработените или да им ја намалам платата и слично“, се наведува во публикацијата.

Самовработените со микро-бизнис се соочиле со значителен пад на прометот. Така се изјасниле 54,9 отсто од анкетираните, и/или со привремено затворање (49,3 отсто), а значаен дел од микро-бизнисите посегнале по заштеди (18,3 отсто).

Кризата ги погоди и невработените лица. Таа ги еродира нивните надежи за наоѓање работа, па 33, 3 отсто од одговорите биле дека им се намалиле/исчезнале надежите дека ќе најдат работа, 23,8 рекле дека се намалил доходот во семејството, се намали или прекина некој повремен доход што се остварувал и слично.

Јавната администрација и пензионерите, главно, се солидарни во однос на товарот од корона-кризата. Скоро половина од испитаниците вработени во јавната администрација и од испитаниците -пензионери покажале подготвеност за кратење на нивните примања под налетот на корона-кризата. Подготвеност за намалување на платите искажале 46 отсто од испитаниците од јавниот сектор. Високи 70 отсто од граѓаните одговориле дека во моменталните околности на економска криза предизвикана од ширењето на Ковид-19, би можеле да издржат најмногу 3 месеци, а скоро две третини одговориле дека месеците под удар на корона-кризата ќе ги издржат преку сведување на потрошувачката на минимум.