Предлогот за новата методологија за проширување на ЕУ ќе биде презентиран в среда, пишува „Јуропиан Вестерн Балканс“ (European Western Balkans), повикувајќи се на неофицијални извори во Париз и Брисел.

Европската комисија, која го подготвува текстот на предлогот, засега нема официјално најавено кога тој ќе се презентира. Првичниот план беше предлог – методологијата да се презентира месецов, како што најави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, но тоа беше одложено.

Предлогот за новата методологија не е конечна верзија на новата методологија, туку за неа ќе се дискутира, а потоа ќе треба да биде усвоена со консензус од сите земји – членки.

Реформата на сегашната методологија за проширување почна во ноември минатата година, откако Франција ги објави своите забелешки и откако стави вето на отворањето на преговорите за зачленување со Македонија и Албанија.

Франција предвидува седум последователни етапи на преговорите за придружување, додека 9 други земји, меѓу кои Италија, Австрија и Полска, исто така дадоа свои предлози, кои главно се состојат во тоа седумте групи на поглавја да може да се отвораат и напоредно, а не само последователно, како што бара Франција.