Десет нови жаришта на болеста сипаници кај овци и кози се потврдени од почетокот на јули, а досега Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) извршила депопулација на над 1.400 животни, информираат оттаму. Од првото жариште, потврдено кон крајот на јануари, до 15 јули се регистрирани вкупно 17 жаришта.

Според табелата објавена од АХВ, во засегнатите одгледувалишта имало вкупно 2.780 приемчиви животни, регистрирани се 70 случаи, а 38 животни угинале. Болеста е потврдена во 15 одгледувалишта на овци и во две одгледувалишта на овци и кози. Од Агенцијата наведуваат дека болеста не претставува опасност за луѓето.

Новите жаришта се потврдени во Саса и Цера во Општина Македонска Каменица, Соколарци во Општина Чешиново – Облешево, Бигла и Косевица во Општина Делчево, Малино во Општина Свети Николе и Сопот во Општина Куманово. Првото жариште беше потврдено на крајот на јануари во селото Лопате, Општина Липково.

„Досега АХВ изврши депопулација, односно убивање на животните во одгледувалиштата, на над 1.400 животни, а вчера спроведе депопулација на одгледувалиштето во село Сопот, Општина Куманово, со примена на механички метод за евтаназија на животните“, наведуваат од АХВ.

Во одгледувалиштата во кои е потврдена болеста се врши попис и убивање на сите овци и кози под официјален надзор, како и нештетно отстранување на угинатите и убиените животни.

Се отстрануваат и простирката, цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнеж дека се контаминирани, храната за животните, млекото и производите од млеко, волната, материјалите за еднократна употреба и предметите што не можат да се дезинфицираат.

АХВ спроведува чистење и дезинфекција на просториите, возилата и опремата, како и епидемиолошко испитување за да се утврдат можниот извор и начинот на ширење на болеста и да се откријат контактните одгледувалишта.

Животните без симптоми прво на преглед, па на колење

Воведена е забрана за движење и превоз на овци и кози во и од заштитната зона. Исклучок е движењето на животните заради колење во одобрен објект, односно кланица за домашни чапункари во зоните.

„Пред да бидат натоварени, животните треба да бидат клинички прегледани, вклучувајќи мерење на телесната температура и водење евиденциски листи, при што не треба да покажуваат знаци на присуство на болеста. Доколку постои сомнеж, од закланите овци и кози треба да се земат примероци за лабораториско испитување“, објаснуваат од Агенцијата.

Потребно е епидемиолошко испитување во сите одгледувалишта на овци и кози за да се утврдат можниот извор и ширењето на болеста. При појава на сомнеж задолжителни се клинички преглед и земање примероци за лабораториско испитување.

Сопствениците на животните и надлежните ветеринарни друштва се должни да го пријават секој сомнеж за болеста или угинување на животно во рок не подолг од 24 часа. Забранет е и прометот на производи од животинско потекло добиени од овци и кози што потекнуваат од заштитната зона.

Забрана за работа на сите добиточни пазари во државата 

Сировото млеко добиено од овци и кози и производите од тоа млеко може да се стават во промет по термички третман, односно пастеризација на 72 целзиусови степени во времетраење од 15 минути, на одгледувалиштето или во одобрен објект за производство и преработка на сурово млеко во зоната, наведуваат од АХВ.

„Забранет е превоз и транзит на овци и кози низ заштитната зона и зоната под надзор од останатата територија на земјата, освен транзит по магистрални патишта. Донесена е забрана за работа на добиточните пазари за овци и кози на целата територија на Република Северна Македонија, како и за одржување изложби или друг вид спортски настани“, се наведува во соопштението.

На сите одгледувачи на овци и кози им се наложува да го ограничат секое непотребно движење на лица, возила, опрема и механизација во и од одгледувалиштето и да водат евиденција за сите лица и возила што влегуваат и излегуваат.

При секој влез и излез задолжително треба да се применуваат биосигурносни мерки, меѓу кои користење чиста заштитна облека и обувки наменети само за одгледувалиштето, миење и дезинфекција на рацете и поставување дезинфекциски бариери на влезовите и излезите.

Одгледувачите не треба да внесуваат нови животни во стадото без претходен клинички преглед и сертификат за здравствената состојба на животните.

Се препорачува нововнесените животни да се држат одвоено од остатокот од стадото во период определен од официјалниот ветеринар. Не треба да се користат заеднички поила и хранилишта со животни од други одгледувалишта, ниту животните да се напасуваат заедно со овци и кози со непознат здравствен статус.

„Донесена е забрана за повторно населување животни во одгледувалиштата каде што е потврдена болеста во период од шест месеци од датумот на укинување на заштитните и контролните мерки. Овие мерки се применуваат во рок од 60 дена од денот на донесувањето на решението“, се додава во соопштението.

17 жаришта на сипаници кај овци и кози во 2026 година

Состојба заклучно со 15 јули, според табелата објавена од Агенцијата за храна и ветеринарство

17потврдени жаришта 2.780приемчиви животни во одгледувалиштата
70регистрирани случаи 38угинати животни

Животни во засегнатите одгледувалишта, по населено место

СопотОпштина Куманово
724
ЛопатеОпштина Липково
495
МалиноОпштина Свети Николе
384
Младо НагоричанеОпштина Старо Нагоричане
299
СоколарциОпштина Чешиново – Облешево
267
СасаОпштина Македонска Каменица
256
ЦераОпштина Македонска Каменица
248
БиглаОпштина Делчево
87
КосевицаОпштина Делчево
20
Извор: Агенција за храна и ветеринарство, соопштение од 16 јули 2026 година. Податоците од повеќе жаришта во исто населено место се собрани. Табелата наведува и вкупно 1.472 убиени животни. Мета.мк