Евросонг 2023 ќе се одржува во Обединетото Кралство, потврдува Би-би-си.
Организаторите на евровизискиот контекст одлучија дека не може да се одржува во земјата на годинешниот победник, Украина поради тековната војна со Русија.
Фолк-рап бендот „Калуш оркестра“ со песната „Стефанија“ победи на годинешното 67 издание, а британскиот пеач Сем Рајдер со песната „Вселенски човек“ заврши на второто место.
По ова, Украина отвори преговори со Би-Би-Си што ќе биде еден од организаторите на 68. издание на Евросонг. По разговорите е постигнат компромис и е потврдено дека контекстот ќе се одржува во Обединетото Кралство иако се’ уште не се знае во кој град. Засега, интерес пројавиле Глазгов, Манчестер и Бристол.
Годинава Украина ќе се квалификува во големото финале заедно со познатата петорка, односно Франција, Шпанија, Германија, Италија и Обединетото Кралство, како што тоа е случај со победникот секоја година.
„Шоуто ќе ја слави културата и наследството на Украина како победници на Евросонг 2022 заедно со евровизиската традиција да се слави различноста преку музика“, посочуваат од Би-Би-Си.
Ова не е прв пат Евровизија да се одржува надвор од државата што победила. Најскорешен пример за тоа е кога Израел во 1980 година ѝ ги препушти организациските должности на Холандија поради финансиски причини.