Околу 580 животи годишно би се спасиле ако македонските термоелектрани на јаглен го доведат нивото на загадување на воздухот до она пропишано со европската директива за индустриски емисии, покажува извештајот „Подобрување на здравјето преку подобрување на квалитетот на воздухот на Западен Балкан“ на Алијансата за здравје и животна средина (HEAL) од Брисел, Белгија, мрежа на повеќе од 70 организации и водечка непрофитна организација во ЕУ за влијанието на животната средина врз здравјето.

„Од 1 јануари 2018 година, земјите од Западен Балкан мора да почнат да ги намалуваат емисиите од големите согорувачки капацитети и да ги прилагодат националните закони и правилници во согласност со оние на Европската Унија. Процесот потекнува од правилата на Енергетската заедница, кои бараат електраните на јаглен кои во моментов работат на Западен Балкан постепено да ги намалат емисиите од 2018 до крајот на 2027 година“, нагласува Алијансата во извештајот.

Студијата опфаќа 16 термоелектрани на јаглен со инсталирана моќност поголема од 50 MW во регионот, меѓу кои и македонските РЕК Битола 1, 2 и 3 и РЕК Осломеј.

Според пресметките на Алијансата, работата на овие четири блока Македонија годишно ја чини меѓу 264 и 720 милиони евра за здравствени трошоци, а со постигнување на стандардите за загадување пропишани со Директивата на ЕУ за индустриски емисии, тој трошок би се намалил на 22 до 61 милион евра.

Пишува: Игор К. Илиевски