fbpx

Европските пари во борбата против нашата корупцијата – колку, какви и со кои резултати?

Специјална анализа за Порталб.мк на Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика.

-

Пред повеќе од една година беше објавен Извештајот на Судот на ревизори на ЕУ за поддршката за владеењето на правото на Западен Балкан во периодот 2014-2020 година, на кој посебно се осврнавме. Оваа статија ја започнуваме таму кадешто ја завршивме таа: „Тежиштето на одговорноста и за исходот на интервенциите на ЕУ во областа на владеењето на правото повторно се става врз националните власти….одново и одново ќе се актуелизира прашањето на (немање) национална сопственост врз проектите и, пред сѐ на (не)постоење реална политичка волја да се обезбеди рамнотежна на властите и да се ограничи политичката моќ и влијание“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Во меѓувреме уште повеќе се актуелизираше прашањето колку нашите странски партнери  инвестирале во борбата против корупцијата. Започнуваме со Европската унија, како најглолем донатор, концентрирајќи се на периодот 2014-2020 година, за кој се располага со подетални податоци.

Според веќе споменатиот извештај, од алокациите на вкупната претпристапна поддршка за Македонија која во овој период која изнесувала 667 милиони евра, за областа темелни права и владеење на правото биле распределени 57 милиони евра, или околу 8,5%.  Оваа помош била распределена во шест подобласти: 1. Воспоставување независно судство и современи правосудни и казнено-поправни системи;  2. Јакнење на капацитетот на судските институции; 3. Унапредување на доброто владеење и одговорноста, вклучувајќи ја преку борбата против корупцијата; 4. јакнење на цивилната контрола и надзор над судските системи; 5. Унапредување и заштита на човековите права и слободи; 6. Унапредување на пристапот до правдата.

Секако дека проектите во целата оваа област придонесуваат за борбата против корупцијата, но да ги погледнеме подетално проектите кои се примарно посветени на оваа цел (според податоците од порталот на ЕУ euprojects.mk). Напоменуваме дека целосна прецизност не е можна, зашто често во еден проект се споени цели и активности кои се врзани со повеќето подобласти. Ако се земат предвид сите проекти во кои е наведена како цел или една од целите борба против корупција, нивната вкупна вредност е 22 милиони евра (од кои половина милион е учество на корисниците).  Се работи за вкупно 18 проекти – на 9 од нив корисници се државните институции, додека на другите 9 – граѓанското општество. Меѓутоа, вредноста на само еден, и тоа незавршен проект, кој ја покрива целата област на владеење на правото, а не само корупцијата, и чии корисници се државни институции, е 12 милиони евра. Доколку средствата на „мешаните“ проекти (кои имаат и други цели освен борбата против корупцијата) приближно се поделат според подобластите, проценката е дека за целта борба против корупцијата во седумгодишниот период се вложени околу 9,5 милиони евра на Европската Унија.

Иако бројот на проекти според корисници во владиниот и невладиниот сектор е ист, средствата кои биле доделени на граѓанското општество биле далеку пониски – во вкупна висина од 1.700.000 евра. При тоа, еден дел од овие средства се натаму ре-грантирани на други невладини организации. Најмногу од поддржаните активности на граѓанските организации се насочени кон следење  и оценка на вкупните активности во државата против корупцијата.

Додека средствата за невладиниот сектор се во вид на грантови, државните институции ги користеле средствата најногу во вид на услуги (околу 18 милиона ако се земат предвид „мешаните проекти“ во целина, или околу 6,2 милиони евра ако се земе предвид проценката за средства специфично наменети за корупција). Тоа значи дека најголем дел од средствата за државните институции биле наменети за техничка помош – консултантски услуги. За твининг се дадени околу 1,5 милиони евра. Твинингот е форма на грант во која нашите државни институциите остваруваат партнерство со сродни институции од држави членки на ЕУ – односно стручната помош ја пружаат експерти од слични институции од државите членки.

Посебно е прашањето кои се резултатите од проектите. Вообичаено се повикуваме на оценката на Извештајот на ЕК од минатата година конкретно за борбата против корупцијата. Според него, Македонија стагнира три години по ред на оценката 2,5 (од можни 5), а напредокот минатите две години бил „ограничен“ односно „одреден“ (1 и 2 од можни 4). Меѓутоа, веќе се алармантни оценките и повиците во домашната јавност за слабите резултати во борбата против корупцијата. Вреди да се повтори и наодот на споменатиот Извештај на Судот на ревизорите на ЕК: додека интервенцијата на ЕУ придонела за реформите во техничките и оперативни области, мало е влијанието врз темелните реформи на владеењето на правото во регионот, како што се – независноста на судството, концентрацијата на моќта, политичкото мешање и корупцијата.

 

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...