Европската федерација на новинарите (ЕФН) даде силна поддршка на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), кои се спротивставија на последните измени на Изборниот законик.
Според измените, и во приватните медиуми ќе се спроведува платено политичко рекламирање во изборна кампања платено од државата, а дополнително и Државната изборна комисија (ДИК) ќе ги оценува онлајн медиумите во текот на изборите. Исто така, партиите самите ќе креираат медиа-план по кој ќе се спроведува платеното политичко рекламирање. Според новинарските здруженија, тоа е мешање на власта во слободата на медиумите и независноста на уредувачката политика.
„Овие штетни измени на Изборниот законик не придонесуваат во ситуација кога имаме блокирани медиумски реформи и несомнено ќе влијаат и во работата на медиумите и во севкупниот демократски амбиент за време на предизборните кампањи во негативен правец“, се вели во соопштението на ЕФН, која за несогласувањето ја известила и Платформата за заштита на новинарството при Советот на Европа.