fbpx

Eвропскиот зелен договор две години потоа

-

Зелениот договор од 2019 година е прв стратешки приоритет на овој состав на Европската комисија. Тој има три главни цели:

  1. Европската унија да стане неутрална во поглед на стакленичките гасови до 2050 година;
  2. Економскиот раст да се раздвои од користењето на ресурсите;
  3. Ниеден човек и ниедно место да не биде запоставено.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

За првата цел, која е и најпознатата, е поставена и меѓу-цел: емисијата на стакленички гасови до 2030 година да се намали за 55 отсто во споредба со 1990 година.

За илустрација наведуваме некои од клучните таргети на Европскиот зелен договор во одделни подрачја:

  • До 2030 година – 55 отсто намалување на емисиите од автомобилите; 50 отсто од комбиња;
  • 0 емисии од новите автомобили до 2035 година;
  • 40 отсто обновлива енергија во 2030 година;
  • 36-39 отсто нови цели за енергетска ефикасност до 2030 година;
  • Нова поамбицизона цел – да се отстранат 310 милиони метрички тони јаглерод диоксид, преку пошумување и зачувување на европските шуми, почви, мочуришта, тресетници.

Комисијата проценува дека Европскиот зелен договор дава можност за реновирање на 35 милиони згради до 2030 година и за креирање дополнителни 160.000.000 нови „зелени“ работни места во градежништвото до 2035 година.

За да се остварат амбициозните цели, предвидени се и многу инструменти, a секако – и многу пари. Една третина од вкупните средства на седумгодишниот буџет на ЕУ и на Фондот за обнова „Идна генерација ЕУ“ или околу 600 милијарди евра се предвидени за финансирање на Зелениот договор.

Активностите не се предвидени само во областите како што се животна средина и клима, туку и во енергетиката, сообраќајот, земјоделството, индустријата, финансиите и регионалниот развој, истражувањето и иновациите. Во секоја од овие области донесени се или се планира донесување на повеќе стратегии и правни мерки на ЕУ, како дел од пакетот наречен „Подготвени за 55“ („Fit for 55”), алудирајќи на таргетот за намалување на емисијата на стакленички гасови до 2030 година за 55 отсто. Неможно е тие овде во целина да се претстават, зашто во голема мера ја одразуваат целокупната работа на институциите на ЕУ, особено на Комисијата, затоа ги претставуваме само некои од поважните.

Еден од клучните инструменти на ЕУ е системот на тргување со емисиите (ЕТС), воспоставен уште во 2005 година, кој ги поттикнува индустриите да се прилагодат на зелените цели. Максимумот на емисиите кои можат да се тргуваат се намалува секоја година, сѐ поамбицизно, согласно со таргетите поставени во Европскиот зелен договор. Се предвидува и ревизија на системот за оданочување на енергијата, чија цел е да се отстранат штетните последици од даночната конкуренција во оваа област и да се обезбедат повеќе приходи за државите од „зелените“ даноци.

Според правилото „без задолжување“, емисиите од користењето на земјиштето треба да се компензираат со еквивалентни активности за отстранување на јаглерод диоксид во секторите шумарство и земјоделство. Се предвидуваат и измени во механизмот за корекција на прекугранична емисија на јаглеродот, со цел да се спречи прекугранично „истекување на јаглеродот“. Со посебна регулатива, за секоја држава се воспоставуваат посебни цели за намалување на емисиите, имајќи ги предвид нивниот БДП, како и нивната стартна основа и капацитети.

Меѓу таргетите на Европскиот зелен договор е и 30 отсто од помошта на други држави да ги поддржува климатските цели, а 1/3 од светските јавни финансии за климата да доаѓаат од ЕУ и нејзините земји-членки. Ова секако се однесува и на Инструментот за претпристапна поддршка.

Европскиот зелен договор наиде на широка поддршка од граѓанскиот сектор. Сепак, тој не е „ослободен“ од критика – како во однос на самата негова архитектура, така и во однос на спроведувањето. На пример, Платформата „Мисли 2030“ на независни организации посветена на одржливиот развој забележува дека постои потреба од поголема кохерентност меѓу целите, попрецизно поставување на индикаторите во одделни области, особено на отсуството на прецизни таргети за областите здравје, добросостојба, сиромаштија – или пошироко она што се нарекува „праведна транзиција“.

Мрежата предлага и да се објавува годишен извештај за остварувањето. Покрај тоа, укажува на можни проблематични области во спроведувањето, како што се циркуларната индустрија и земјоделството. Шведскиот институт за студии на европските политики, пак, предупредува дека е можно продлабочување на јазот Запад – Исток во спроведувањето на Зелениот договор и предлага навреме да се преземат мерки за ова да се спречи.

Наспроти предизвиците од ковид-19 и енергетската криза, дополнително „филувани“ од популистички мотивации, Европската комисија засега успева да го одржи Европскиот зелен договор во жижата, преку комбинација на долгорочно планирање и прилагодување на инструментите на овој нејзин прв приоритет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...