fbpx

Европскиот парламент ја прогласи Русија за држава – спонзор на тероризмот

-

Европскиот парламент вчера ја усвои Резолуцијата со која ја прогласи Русија за држава – спонзор на тероризмот, поради бруталните и нехумани дејствија нанесени врз Украина и нејзините граѓани од почетокот на воената инвазија на 24 февруари годинава, јавува Јуроњуз.

„Намерните напади и злосторства извршени од страна на Руската Федерација врз цивилното население на Украина, уништувањето на цивилната инфраструктура и другите сериозни прекршувања на човековите права и меѓународното хуманитарно право претставуваат акти на терор врз украинското население и претставуваат воени злосторства“, се нагласува во Резолуцијата од европратениците.

Иако е необврзувачка резолуција, сепак таа има многу силна порака до Русија, наведувајќи дека Европскиот парламент ја признава Русија како државата која користи терористички средства.

Формулираната резолуција беше одобрена со големо мнозинство во Европскиот парламент, при што 494 европратеници гласаа „за“, 58 беа против и 44 беа воздржани, за време на месечната пленарна седница во Стразбур.

Во конечната верзија, европратениците ја осудуваат руската „незаконската, неиспровоцираната и неоправданата агресивна војна“ против Украина и ја обвинуваат руската армија и нејзините раководители дека извршиле долг список на злосторства, како што се: убиства на „илјадници“ цивили и „стотици“ деца, напади на критичната инфраструктура, егзекуции, киднапирања, силувања, малтретирања, тортура, масовни притворања и присилни депортации.

„Овие брутални и нехумани чинови предизвикуваат смрт, страдање, уништување и раселување“, рекоа европратениците, истакнувајќи за речиси 40.000 воени злосторства што досега се документирани во Украина.

Пратениците, исто така, ја осудија Русија за предизвикување хуманитарна криза од „големи размери“ во Мариупол и за искористување на храната и гладот како оружје преку извршените блокади, кои имаа глобални импликации.

Овие „злосторства“, велат европратениците, се дизајнирани да го тероризираат украинското население, да го задушат нивниот отпор и да ги принудат да ја прифатат „окупаторската моќ“ и нејзиниот обид за незаконска анексија на суверената територија на Украина.

Европскиот парламент ги повикува земјите-членки на ЕУ да развијат сосема нова правна рамка која може да овозможи означување на цела земја како спонзор на тероризмот, нешто што во моментов не е можно.

„Европската унија засега нема таква регулатива како, на пример, Американците, кои имаат посебен закон за означување на државите кои го спонзорираат тероризмот“, изјави за Јуроњуз Андриус ​​Кубилиус, еден од европратениците кој е автор на резолуцијата.

Но, Балаш Хидвеги, унгарски европратеник од партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, рече дека блокот треба да се фокусира на постигнување мир и на прекин на огнот „што е можно поскоро“.

Листата на терористички организации и терористи на ЕУ беше формирана по нападите од 11 септември 2001 година во САД и истата се ажурира на секои шест месеци, но на неа не можат да се стават во моментов и држави како спонзори на тероризмот.

Русија во иднина би можела да се најде на ваква листа, на која во моментов се наоѓаат Хамас, Курдската работничка партија (ПКК), Националната ослободителна армија на Колумбија (ЕЛН) и военото крило на Хезболах.

Ова не е првпат парламент во Европа да ја означи Русија како држава – спонзор на тероризмот. Националните собранија во Естонија, Латвија, Литванија, Полска и Чешката Република претходно гласаа за примена на слични ознаки.

Покрај новата правна рамка, Европскиот парламент бара „сеопфатна“ меѓународна изолација на Русија, дополнително намалување на дипломатските односи и нова рунда санкции од ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел: Ќе одговориме на иранскиот воздушен напад

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, изјави дека Израел ќе одговори на иранскиот воздушен напад, но дека сè уште размислуваат кога и како ќе го направат тоа. Иранскиот...