Европскиот парламент го поздрави отворањето на првиот кластер, фундаментални права, од пристапните преговори со Украина и побара конструктивна расправа за тоа како да напредува нејзината европска интеграција земајќи ги предвид стратешките интереси на ЕУ.
Во извештајот усвоен со 460 гласа „за“, 136 „против“ и 59 воздржани, пратениците наведуваат дека земјите членки треба да ја земат предвид динамиката во земјите кандидатки, вклучително и обидите на Русија да ја поткопа јавната поддршка за членство во ЕУ.
Парламентот оценува дека Украина направила „вонредни напори“ за зајакнување на демократските институции и заштита на поделбата на власта за време на војната.
Во текстот се поздравува напредокот на земјата во судските реформи и борбата против корупцијата, но се повикува на продолжување на реформите во овие области.
Европратениците посочуваат и дека силна основа на владеење на правото ќе овозможи поголема транспарентност и отчетност во процесите на реконструкција и економско закрепнување, како и подобра инвестициска клима и доверба кај меѓународните партнери.
Во врска со идните избори, текстот нагласува дека мора да има доволно време да се обезбедат стандардите и условите за слободни и фер избори по укинувањето на воената состојба. Пратениците ги отфрлаат и притисоците на американската администрација Украина да одржи избори додека војната на Русија сè уште трае.
Парламентот ја поздравува и јунската изјава на лидерите на Г7 за Украина, нагласувајќи ја потребата да се поддржи замавот на земјата на бојното поле и да се зголеми притисокот врз руската воена економија.
Во документот се поздравува и првата исплата од 3,2 милијарди евра во рамки на заемот за поддршка на Украина, а европратениците бараат предвидлива повеќегодишна финансиска поддршка за земјата за да може да ги покрива трошоците за закрепнување и одбрана без неизвесност.
Извештајот се осврнува и на преименувањето на елитна воена единица на украинските вооружени сили по хероите на Украинската востаничка армија (УПА), при што европратениците изразуваат жалење поради непочитувањето на полските чувства и болка и повикуваат на деескалација и обновени напори за помирување.
„Откако европскиот пат на Украина започна во 2014 година, земјата длабоко се промени на подобро. Руската војна на агресија дури и го забрза овој процес. Сè уште има многу работа, на пример за да се исполнат барањата од кластерот фундаментални права. Продолжувањето на судските реформи и непречената работа на антикорупциските институции остануваат клучни за напредок по патот на пристапување и за исполнување на очекувањата на граѓаните“, изјави известувачот за Украина, Мајкл Галер.
Извор: Европски парламент
