fbpx

Европски самит за дигитализација на судството: Дигитализираното судство е поефикасно и потранспарентно

-

Денеска во Охрид беше отворена Меѓународната конференција за дигитализација на судството на тема „Придобивките од 4-та индустриска револуција како механизам за враќање на довербата во судството“ која во наредните три дена ќе се одржи во оранизација на Министерството за правда, а под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски.

Целта на конференцијата, појаснуваат организаторите, е преку презентациите и дискусијата да се посочат потребите и подготвеноста на судството и јавното обвинителство за прифаќање на дигиталниот пристап и работењето заради поефективна правда.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање на отворањето на конференцијата истакна дека дигиталната трансформација на општествата веќе одамна не е само технолошка визија на поединци или предмет на академски и стручни дискусии за иднината, туку е наша реалност.

„Со години дигитализацијата беше третирана како технолошка играчка релевантна само за оние кои непосредно се занимаваа со информатичката технологија. Директен доказ за ова тврдење е игнорирањето на дигитализацијата од страна на повеќето правни системи, прво, преку непрепознавање на нејзините предности и, второ, преку непрепознавање на предизвиците па и опасностите што ги носи брзата или неконтролирана дигитализација“, истакна Пендаровски.

Пендаровски додаде дека клучната промена ја донела големата здравствена криза во 2020 година, како последица на ковид-пандемијата и дека сите релевантни податоци од последните две години потврдуваат дека пандемијата не беше голем предизвик само за здравствените системи, туку и предизвик за државната управа и правосудството во целина.

„Многу поголем проблем беше затворањето на правосудните органи, особено кога стана јасно дека истрагите и рочиштата не може да се одложуваат на долги периоди, а, не беше јасно колку ќе трае кризата. Во таква ситуација се постави прашањето како може да се искористи дигиталната технологија за правосудните органи да продолжат да ја извршуваат својата функција во период на пролонгирана криза со неизвесен крај“, рече Пендаровски.

Претседателот на државата додаде дека самитот во Охрид е одлична прилика да се разговара за идните чекори во насока на прифаќање на дигиталната транзиција на правосудството, но како потреба, а не како нужно зло само во време на криза.

Министерот за правда Никола Тупанчески порача дека во време во кое човекот со напредните технологии успеа да стигне до простори во вселената на светлосни години оддалеченост и за тоа добива информации скоро во реално време, не треба да имаме сомнеж дека државата треба да направи сè за овие технологии да ги стави во функција и на пристапот до правда на граѓаните.

,,Задоцнетата правда граѓанинот често ја доживува како најголема неправда, а дигитализацијата во правосудството ќе ги забрза постапките на сите нивоа, ќе го олесни доставувањето на докази и документи, комуникацијата меѓу засегнатите страни и институции и ќе ја подигне правната сигурност и довербата на граѓаните во правосудството. Периодот во кој живееме, а особено изминатите две години на пандемија, изолација и редуцирани услуги за граѓаните во сите сфери, уште еднаш ни потврдија дека дигиталниот напредок треба максимално да се стави во функција на подобрување на животот на граѓаните’’ истакна Тупанчески.

Тој додаде дека дигитализирано судство е поефикасно и потранспарентно судство и со него ќе се овозможи побрза правда и ќе се намали корупцијата.

„Целосната дигитализација очекуваме да се реализира во над 186 судници во 34 судови. Ова во голема мера ќе влијае на подобрување на судскиот интегритет, отчетноста, јакнење на довербата на јавноста, но и врз заштитата  на системот. Судењата од далечина веќе стануваат реалност. Но тие се само еден аспект на дигитализацијата која опфаќа низа други електронски можности, како што се е-доставата, дигиталното регистрирање на рочиштето и креирање записници во електронска форма, размената на дигитални информации, докази и слично од кои што дел влегуваат во интероперабилноста’’ порача Тупанчески.

На конференцијата во наредните три дена ќе се зборува за придобивките од дигитализацијата во правосудството, користењето на современи технолошки развојни решенија за еднаков пристап до правдата, итнероперабилноста помеѓу судството и државните органи и институции и регионалните искуства со дигиталната трансформација во правосудството.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...