Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027 година, а парите ќе бидат условени со реализација на конкретни квалитативни и квантитативни чекори поврзани со мерките за планираните реформи, соопштија од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, на прес-конференција информираа за нацрт-реформската агенда од Планот за економски раст на Западен Балкан на ЕУ.
„250 милиони евра ќе се добијат како грант или неповратни средства за инвестициски проекти, а 500 милиони евра ќе се обезбедат преку заем со исклучително поволни услови (почеток на отплата од 2034 година, со до 40 години рок за отплата и поволна каматна стапка), од кои 250 милиони евра за реализација на реформите (буџетска поддршка) и преостанатите 250 милиони ќе бидат алоцирани за инвестициски проекти“, кажа Мицкоски.
Согласно четирите основни столбови од Планот за економски раст, С. Македонија ќе се фокусира на пет приоритетни области во реформската агенда: управување и реформа на јавната администрација, енергетска и зелена транзиција, развој на човечкиот капитал, подобрување на деловното опкружување и владеење на правото.
„Ќе работиме на зајакнување на јавната внатрешна финансиска контрола, зајакнување на системот за јавни набавки, декарбонизација и обновливи извори на енергија, (соларна и ветерници), усвојување на систем за трговија со емисии на гас, енергетска ефикасност и справување со загадувањето на воздухот. Тука спаѓа и развојот на образованието и вештини преку реформи на средното стручно образование, како и реформа на државните и јавните претпријатија, вклучително и воведување на интелигентен транспортен систем, зголемување на е-услугите во царинското работење“, додаде тој.
Предвидено е и да се реформира изборното законодавство, да се зајакне независноста, квалитетот и интегритетот на правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, донесување на нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка согласно стандардите на ЕУ и други приоритети кои во интерес на времето не би ги набројувал детално.