„Европската недела на мобилност“ почнува денеска, пораката е да користиме повеќе велосипед

Фото: Мета.мк

Како и минатите години, кампањата „Европска недела на мобилност“ која се спроведува на иницијатива на Европската комисија започна денеска и ќе трае до 22 септември. Кампањата има за цел да промовира алтернативни форми на мобилност, како што се пешачењето и велосипедизмот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) нареднава недела ќе реализира низа активности за промоција и поддршка на алтернативните форми на мобилност, со посебен акцент на поддршка на велосипедизмот.

„Истражувањата покажуваат дека во изминатата деценија бројот на луѓе кои патуваат до своето работно место со велосипед, континуирано се зголемува од ден на ден и позитивно е оваа појава да продолжи и во иднина“, наведуваат од РСБСП.

Тие велат дека најзначен е здравствениот бенефит од возењето велосипед.

„Општо познато е дека луѓето коишто инкорпорираат физички активности во нивниот дневен живот, генерално живеат подолг и поздрав живот од останатите. Велосипедизмот како физичка активност помага во градењето на мускулот, слабеење, спуштање на високиот крвен притисок и зајакнување на срцето. Исто така, возењето велосипед, докажано помага при намалување на стресот, и подобрување на сонот“, информираат од РСБСП.

Граѓаните треба да имаат на ум дека еколошките бенефити кои ги носи велосипедизмот се доста значајни. Велосипедот како превозно средство не троши фосилно гориво, и со тоа нивото на издувни гасови во воздухот се намалува и квалитетот на воздухот расте.

„Што значи дека колку повеќе автомобили отстраниме од улица, и ги замениме со велосипеди, толку подобро за сите нас, за нашето здравје, и околината во којашто живееме“, велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Воедно, истражувањата покажуваат дека најголемиот дел од дневните патувања кои ги правиме секојдневно се пократки од 5 километри, што ги прави идеални за изминување со велосипед. Користењето на велосипедот како превозно средство овозможува да се избегнат метежите по улиците и да се патува безбедно и побрзо до крајната дестинација, и со помалку нервози.

Патувањето со велосипед, исто така, го елиминира еден од најголемите проблеми на патувањето со автомобил, а тоа се паркинг местата.

Од РСБСП дополнуваат дека финансискиот бенефет е очигледен, бидејќи самиот автомобил чини илјадници евра, додека просечен велосипед чини неколку стотици. И не само тоа, туку велосипедот не ги сноси сите дополнителни трошоци кои ги повлекува автомобилот: гориво, сервисирање, регистрација, паркинг, осигурување и многу други трошоци.