Европската недела на мобилност ја “пречекавме” со милион патници помалку во јавниот превоз

Фото: Архива на Мета.мк

Активности за одбележување на Европската недела на мобилност деновиве се редат во Скопје, но заедно со нив и поразителните податоци за тоа колку навистина граѓаните ја практикуваат одржливата урбана мобилност во своите секојдневни патувања.

Според последните податоци на ЈСП-Скопје, јавниот превоз во главниот град во првото полугодие од годинава успеал да превезе речиси милион патници помалку во споредба со периодот јануари-јуни 2020 година. Во првите шест месеци од годинава, со јавен превоз во Скопје биле превезени 10.417.267 патници, додека во истиот период лани градските автобуси превезле 11.387.134 патници.

„Во првото полугодие од 2021 година во линиски превоз се поминати вкупно 6.794.461 км., што е за 6,4 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Во првото полугодие од 2021 година ЈСП СКОПЈЕ превезе вкупно 10,4 милиони патници и во споредба со истиот период минатата година бројот на превезени патници бележи намалување за 969.867 патници или за 8,5 отсто што е резултат на намалувањето на број на патници со неперсонализирани билети за 12,9 отсто, договорен превоз за 46,8 отсто и дополнителни билети за 5,1 отсто“, се наведува во Извештајот за остварените резултати од работењето на ЈСП СКОПЈЕ во периодот јануари-јуни 2021 година.

Наспроти ова, „Мета.мк“ веќе пишуваше дека стапката на моторизација на граѓаните од главниот град продолжува да расте. Па така, бројот на регистрирани автомобили во главниот град во 2020 година достигнал рекордни 155.195, односно за над 6.300 автомобили повеќе во споредба со претходната година. Во 2019 година во Градот Скопје биле регистрирани 148.892 автомобили. Во овие бројки не влегуваат другите моторни возила, како што се: камиони, автобуси, моторцикли, трактори и слично.

Инаку, Европската недела на мобилност започна на 16 септември, при што оваа година се организира на тема „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов потпиша пристапница кон Европската недела на мобилност, наведувајќи дека Градот Скопје досега изградил над 110 километри велосипедски патеки во главниот град, но и набавени биле над 12.000 нови велосипеди и 600 нови тротинети од граѓаните преку субвенциите што ги доделуваат градските власти.

Сепак, во моментов не постојат детални информации колку граѓаните на главниот град го користат велосипедот како превозно средство при секојдневните патувања, а колку се возат со јавен превоз или автомобил. На велосипедските патеки во Скопје не се поставени автоматски мерачи на бројот на велосипеди, како што е тоа случајот со скопските улици. За разлика од достапните податоци за бројот на патници во јавниот превоз и бројот на возила што се движат по скопските сообраќајници секојдневно, не постојат детални податоци за тоа колкав е бројот на велосипедисти во Скопје.

Студија за сообраќајниот систем во Скопје за последен пат е направена во 2010 година, при што истата покажува дека само 1,4 отсто од вкупниот број патувања во главниот град биле од реализирани со велосипед.

Европската недела на мобилност се организира секоја година и е иницирана од Европската Комисија, за да се стимулира промена на транспортните навики на граѓаните кон поголемо користење на јавниот превоз, велосипедите, тротинетите и другите интелигентни транспортни можности што водат кон одржлива урбана мобилност.