Европската награда за млади за апликацијата „мЗаедница“ на Општина Карпош

Мобилната апликација за Општина Карпош, „мЗаедница“ е добитник на Европската награда за млади за 2019 година (European Youth Award 2019), во категоријата „Активно граѓанство – дигитално решение со влијание врз општеството“.

Високото признание за оваа мобилна апликација произлегува од можноста што таа ја дава за директна комуникација на граѓаните со надлежниот сектор и со задолжените лица за прашањата што ги мачат граѓаните, при што се овозможува правилно адресирање на проблемот и негово брзо решавање, информираат од Општина Карпош.

„мЗаедница“ е достапна за IOS и Android уредите, при што граѓани на Карпош можат да пријавуваат проблеми, да преземаат иницијативи и да даваат свои предлози. Оваа апликација овозможува директно вклучување на граѓаните во процесот на одлучување и ја олеснува комуникацијата со општинската администрација.

Оваа мобилна апликација е резултат на соработка меѓу Општина Карпош и Центарот за социјални иновации „БЛИНК 42 – 21“, а ја изработија Зорица Велковска, Моника Јандревска, Кристијан Трајковски, Симон Стојановски и проектниот директор, Милан Танчески.

Административниот панел на „мЗаедница“ го раководат и службеници на Карпош, од одделението за односи со јавност, а пристап и можност за одговори имаат и сите сектори во општината.

Ова признание е дел од програмата на Европската Унија – „Европа за граѓаните“ и ги поддржува социјално вредните дигитални проекти кои се однесуваат на целите дефинирани од Советот на Европа, Европа 2020 и Платформата за знаење за одржлив развој на Обединетите Нации.