Членовите на Европската мрежа за стандарди при проверка на факти (EFCSN) избраа ново Управно тело, кое го започна својот мандат пред два дена, на 28 октомври, а ќе трае три години.
Новото Управно тело го сочинуваат седум членови од претходниот состав, кои ја продолжуваат својата работа, додека четири членови се новоизбрани.
„Сите членови на Управното тело на EFCSN се високопоставени лица во организациите за проверка на факти, кои се дел од EFCSN, низ Европа“, соопштија од мрежата.
Клара Хименес Круз, извршна директорка и ко-основач на шпанската организација за проверка на факти Maldita.es, која е еден од основачите на EFCSN, повторно е избрана на позицијата претседателка на Управното тело.
Винсент Курон, основач на француската организација за правна проверка на факти Les Surligneurs – уште еден од основачите на EFCSN, повторно е избран за благајник.
Другите претставници во Управното тело кои беа избрани се Ана Бракуш од Фактограф (Хрватска), Бардил Јашари од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Крис Морис од Full Fact (Обединетото Кралство), Фелипе Пардал од Polígrafo (Португалија), Кристина Христова од Factcheck.bg / АЕЖ-Бугарија (Бугарија), Мари Бонер од AFP (Франција), Стефан Фос од dpa (Германија), Томас Хедин од TjekDet (Данска) и Томазо Канета од Pagella Politica и Facta.news (Италија).
Гласањето за новото Управно тело се одржа во текот на октомври. Сите верификувани членови на EFCSN имаа можност да гласаат за кандидатите за Управното тело.
Управното тело е одговорно за водење на организациските приоритети и за обезбедување дека EFCSN ја исполнува својата мисија. Тие, исто така, ја донесуваат конечната одлука во врска со апликациите за членство во EFCSN, според критериумите за евалуација утврдени во Кодексот за стандарди на EFCSN.