Извршниот орган на Европската унија во петокот вети дека ќе преземе „цврсти и непосредни мерки“ против воведувањето на царини за челик и алуминиум од страна на претседателот на САД Доналд Трамп, пренесува Асошиејтед Прес.
Европската комисија изјави дека предложената „реципрочна“ трговска политика на Трамп оди „во погрешна насока“.
„ЕУ ќе преземе цврсти и непосредни мерки против неоправданите бариери за слободната и праведна трговија, вклучително и кога царините се користат за оспорување на легитимни и недискриминаторски политики“, соопшти Комисијата. „ЕУ секогаш ќе ги заштитува европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани царински мерки.“
Комисијата, која ги договара трговските односи во име на 27-члениот блок, изјави дека ЕУ има некои од најниските царини во светот и не гледа никаква оправданост за зголемени царини од страна на САД за нејзиниот извоз.
„Царините се даноци. Со воведување царини, САД ги оданочуваат сопствените граѓани, ги зголемуваат трошоците за бизнисите, го задушуваат растот и ја поттикнуваат инфлацијата“, се вели во соопштението. „Царините ја зголемуваат економската неизвесност и ја нарушуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари.“