Еропската комисија одобри нов пакет финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан во рамки на Планот за раст, при што Македонија ќе добие 65,7 милиони евра, Албанија 49 милиони евра, а Црна Гора 44,2 милиони евра.

Поддршката од 65,7 милиони евра во рамки на Инструментот за реформи и раст, доаѓа откако Европската комисија позитивно ги оцени реформите што земјава ги спроведе во областа на образованието и дигиталната трансформација.

Исплатата следува по третото поднесено барање за средства, а Брисел ги нотирал мерките насочени кон подобрување на системот за финансирање на основното и средното образование, како и активностите за унапредување на дигиталizacijata и опременоста на училиштата со технологија.

Од одобрените средства, 30,6 милиони евра ќе завршат директно во државната каса, додека преостанатиот дел ќе биде искористен за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), по формалното одобрување на проектите.

Од Европската комисија соопштија дека со оваа исплата вкупната поддршка преку овој механизам достигнала 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Македонија.

Средствата што ќе се распределуваат преку WBIF се предвидени за проекти поврзани со транспортната инфраструктура, енергетиката, дигитализацијата и развојот на човечки ресурси, во партнерство со земјите од регионот и меѓународни финансиски институции.

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен во 2023 година со цел земјите од регионот постепено да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред формалното членство во Европската Унија. За таа намена се обезбедени вкупно 6 милијарди евра, а земјите двапати годишно доставуваат извештаи за напредокот на реформите.

Исплатата на средствата се врши поединечно за секоја држава и зависи од исполнувањето на обврските предвидени во т.н. „Реформска агенда“, документ што ги содржи реформите кои секоја земја се обврзала да ги реализира во различни области.

Последната исплата се однесува на реформските активности реализирани до крајот на декември 2025 година. Од стартот на механизмот во 2024 година досега, преку него се распределени вкупно 673,6 милиони евра.

Клучна улога во спроведувањето на Планот има Инвестициската рамка за Западен Балкан, преку која се насочуваат околу 3 милијарди евра за приоритетни проекти во енергетиката, транспортот, дигитализацијата и човечкиот капитал, во рамки на европската стратегија „Глобална порта“.