Европската комисија денеска го презентираше Европскиот зелен договор (European Green Deal) кој е патоказ за претворање на економијата на Европската Унија во одржлива преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности, низ сите сфера.

„Тој е повторно потврдување на посветеноста на Европската комисија на справувањето со предизвиците поврзани со климата, кои се клучната задача на оваа генерација. Атмосферата се загрева и климата се менува со секоја измината година. Еден милион од осумте милиони видови на планетата се во ризик од измурање. Шумите и океаните се загадуваат и се уништуваат. Европскиот зелен договор е одговорот на овие предизвици. Тој е стратегија за нов растеж што цели да ја трансформира ЕУ во фер и просперитетно општество, со модерна и конкурентна економија што ефикасно ги користи ресурсите и во кое ќе има нулта емисија на стакленички гасови во 2050 година и во кое економскиот растеж не е сврзан со користењето ресурси“, се вели во известувањето што ЕК го упати до Европскиот парламент, Европскиот совет, Советот на ЕУ, Европската економско-социјална комисија и Комисијата за регионите.

– Европскиот зелен договор е нашата нова стратегија за растеж – за развој што дава повеќе отколку што искористува. Тој покажува како да се трансфромира нашиот начин на живот и работење, на произведување и консумирање, за да може да живееме поздраво. Решени сме да успееме заради оваа планета и животот на неа – заради европското природно наследство, нашиот биодиверзитет, за нашите шуми и нашите мориња. Покажувајќи му на остатокот на светот како да се биде одржлив и конкурентен, ќе можеме да ги убедиме другите земји да ни се приклучат – порача претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.