Извор: Скриншот од видео на Европскиот парламент

По вкрстувањето на копјата меѓу поддржувачите на Северна Македонија и поддржувачите на тезите на Бугарија за историјата на вчерашната пленарна седница на Европскиот парламент (ЕП), кога се гласаше за Извештајот за Северна Македонија од известувачот – европратеникот Илхан Ќучук, од ЕП вчера попладне повторно разочарување од бугарската блокада на евроинтеграциите на земјава, заедно со изрази на солидарност и поддршка.

Европратеничките Ирена Јовева и Тинеке Стрик, но и македонскиот вицепремиер Никола Димитров, како и пратениците во Собранието Соња Мираковска, Маја Морачанин и Биљал Касами ги изразија својата солидарност со земјава и разочарување од бугарската блокада и застојот во евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Почнувајќи и завршувајќи го своето обраќање на течен македонски јазик, словенечката европратеничка од македонско потекло Ирена Јовева попладнево, на 18-ти по ред, но прв состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската Унија во кој учествуваат пратеници од новиот состав на Собранието, кој попладнево се одржа онлајн, порача дека живееме „во чудни времиња, не само поради пандемијата туку и поради срамното вето на Бугарија“.

Јовева, како прв заменик-копретседавач од ЕП со Мешовитата комисија посочи и дека мора да се прават уште реформи во Северна Македонија, но и дека европратениците се тука да помогнат.

Ирена Јовева. Извор: Скриншот од видео на Европскиот парламент

…чудни, ќе кажам времиња, не само чудни во однос на пандемијата, туку чудни, а пред сè, не фер, времиња поради срамното вето на Бугарија за почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија. Нема да зборувам многу за реформите, сите знаеме дека треба да се преземат, пред сè мислам на реформите во врска со владеењето на правото и за антикорупциските напори. Сакам да нагласам дека од тие реформи и напори ќе имаат корист граѓаните на Северна Македонија и затоа на тоа треба да се гледа како напори за подобрување животот на луѓето, а не како нешто што мора да се направи поради Европската Унија. Ние како европратеници сме тука за да помогнеме на кој било начин можеме и сигурна сум дека зборувам и во име на многу мои колеги кога велам дека ми е срам кога го гледам сето ова што со години се случува на патот на Северна Македонија кон ЕУ. Сепак, да не завршам песимистички, ќе кажам вака за крај: Земјата е пред долг пат на интеграција, да, ама убедена сум и ќе направиме се што е во нашата моќ за тоа заедно за да ја надминеме оваа и последна нефер пречка према тој пат.

…рече Јовева, повторувајќи дека „процесот на проширување на ЕУ не смее да се киднапира поради билатерални прашања.

Солидарност со граѓаните на Македонија изрази и Тинеке Стрик, европратеничка од групата на Зелените.

Среќна сум што може да ги сретнам македонските колеги на ваков начин и да ја изразам солидарноста на нашата група до народот на Северна Македонија. Навистина жалиме што мораат да чекаат пред првата Меѓувладина седница. Прво, се разбира, Холандија блокираше, а сега сме соочени со блокада од Бугарија… Ние ги молевме многу пати да го кренат ветото и навистина се надевам дека по изборите ќе може да се одржи Меѓувладина седница.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој учествуваше во седницата и одговараше на прашања, го поздрави усвојувањето на Извештајот за Република Северна Македонија, но изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите кој содржеше критика за „непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон земјава“. Сепак, Димитров рече оти се надева на тројна победа – на Северна Македонија, на Бугарија и на ЕУ.

Никола Димитров. Извор: Скриншот од видео на Европскиот парламент

Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството.

Неколку дена има до изборите во соседна Бугарија. Силно сме посветени на билатералните напори и сите други напори, вклучително португалското претседателство да најдеме излез од ситуацијата и да додјдеме до тоа Бугарија да се приклучи на другите….

Многу е на коцка, вклучително кредибилитетот на ЕУ во регионот. Мојата земја одбележува 20 од потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација и 16 години статус на кандидат….

Го решивме проблемот со Грција, па потоа со новите правила за проширување во март лани, и се надевам дека ќе го надминеме и ова прашање за тројна победа за нас, Бугарија и ЕУ“.

Александар Јорданов. Извор: Скриншот од видео на Европскиот парламент

Бугарскиот европратеник од Европската народна партија (ЕПП), Александар Јорданов, пак порача дека денешното гласање за амандманите е „убав ден“„ за европско-македонските односи, оти биле спречени „провокации“ кон Бугарија и порача дека тоа треба да биде прифатено во земјава, посебно од опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ, ако партијата сака да стане полноправна членка на ЕПП.

Денеска беше убав ден за европско-македонските односи. Парламентот го прифати извештајот за Република Северна Македонија. Убав ден, оти не беа прифатени два провокативни текстови предложени од ссоцијалистите и Зелените, кои сакаа да направаат провокација кон Бугарија, имаа антибугарски карактер. Но европратениците не ги прифатија. Истовремено беа прифатени два текста од ЕПП, кои треба да бидат прифатени во Северна Македонија посебно во опозицијата, од ВМРО-ДПМНЕ, ако се кандидати за полноправни кандидати во ЕПП.

Сакам да обрнам внимание: Кога се кажува дека Договорот меѓу Бугарија и Македонија е добра основа, обрнувам внимание дека станува збор за заедничка историја. По 1945 година ние немаме заедничка историја, заедничката историја е пред тоа. Вистината е дека пред 1945 година населението на Македонија се самоопределувало неколкупати како македонски бугари, тоа треба да го признаат нашите македонски колеги.

Пратеничката од НСДП, Соња Мираковска на 18 седница на Мешовитата парламентарна комисија ЕП – Собрание, на 25 март 2021. Извор: Скриншот од видео на Европскиот парламент

Нему му реплицираше македонската пратеничка Соња Мираковска од НСДП.

Жалам навистина што минатата година не ги почнавме преговорите. Тоа беа големи надежи за сите граѓани во Република Северна Македонија, направивме многу и очекувавме да ги почнеме преговорите, но тоа е тоа што се случи… Многу често се случува, оние што се најблиску до вас да ви го дадат најголемиот удар. А тоа ни го направија комшиите. Верувам дека ќе седнеме и ќе можеме да разговараме. Јас лично го зборувам бугарскиот јазик имам многу пријатели во Бугарија, прекрасни луѓе, можеме да се разбереме. Ќе завршат изборите и ќе може поедноставно да разговараме тогаш, со г-дин Јорданов се знаеме поодамна…