Граѓаните на Европската Унија се малку исплашени бидејќи повеќе не може да се потпираат на САД како чувар на безбедноста, но исто така сакаат да се сопре проширувањето на ЕУ и Унијата да се вклучи повеќе во решавање на предизвиците на глобализираниот свет.

Тоа се некои од главните заклучоци во истражувањето на Европскиот совет за надворешни односи (ecfr.eu), кое е извршено со повеќе од 60.000 испитаници од некои земји на ЕУ, со исклучок на Хрватска, Словенија, Португалија, Обединетото Кралство, Белгија, балтичките земји, Финска, Малта, Кипар и Ирска.

Иако проширувањето на ЕУ беше витална алатка за стабилизирање на „источното соседство“, Европјаните се скептични кон ново проширување и не го сметаат за многу битно за зачувување на европската безбедност. Полска, Романија и Шпанија се единствените земји-членки во кои повеќе од 30 отсто од испитаниците веруваат дека земјите на Западен Балкан треба да се приклучат на ЕУ во следните 10-20 години. Во многу земји-членки, а посебно оние што најмногу учествуваат во европскиот буџет, како Австрија, Франција, Германија, Италија и Холандија, повеќе од 40 отсто од испитаниците се противат на проширувањето.

Европејците сметаат дека живеат во извонредно опасен свет. Стресот, стравот и оптимизмот се трите придавки со кои ги опишуваат своите чувства. Најмногу стрес чувствувале државјантие на Италија, Унгарија и Грција, додека најголемо е чувството на страв кај Французите, Чесите и Словаците.

 

Во секоја од земјите во кои се вршело истражувањето, освен Шпанија, повеќе од 40 отсто од луѓето веруваат дека ЕУ би можела да се распадне во следните 10-20 години. Најголемата загуба би била способноста на земјите-членки за соработка во безбедноста и одбраната и позиционирањето меѓу глобалните играчи, како Кина, Русија и САД, одговориле испитаниците на прашањето што би била најголемата загуба ако ЕУ утре се распадне.

Големата анкета покажува дека Европјаните повеќе не сметат дека САД може да ја гарантира нивната безбедност и повеќе доверба имаат во ЕУ отколку во националните влади во тој поглед. Во некои земји-членки голем број гласачи не веруваат ниту на САД ниту на ЕУ – во Италија 36%, во Чешка и Грција повеќе од половината. Најголема доверба во одбранбена моќ на Унијата имаат Данска со 60% и Шведска и Шпанија со 56%.