fbpx

Еврообврзницата ги наполни македонските девизни резерви

-

На крајот на јуни 2020 година, македонските девизни резерви изнесуваат 3,6 милијарди евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 560,7 милиони евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Оттаму за „Мета.мк“ објаснуваат дека зголемувањето на девизните резерви во текот на јуни, во најголем дел произлегува од средствата обезбедени од државата на меѓународните финансиски пазари во почетокот на месецот преку издавање еврообврзница.

„Девизните средства на државата, вклучително и средствата добиени врз основа на задолжување или донации од странство, се чуваат на сметки во Народната банка и согласно со меѓународните стандарди претставуваат дел од девизните резерви. Како дел од девизните резерви, овие средства претставуваат дополнителна поддршка за носителите на монетарната политика во одржување на стабилноста во економијата“, велат од Народната банка.

На нашето прашање каква е постапката за нивно користење односно дали државата може да располага со нив доколку се јави потреба за нови антикризни мерки или покривање на буџетскиот дефицит, од Народната банка велат дека државата слободно располага со своите девизни средства.

„Во зависност од потребите за финансирање, како и досега, нив може да ги користи за отплата на долг кон странство кој достасува во следниот период, за други редовни плаќања кон странство, како и за финансирање на буџетските расходи во домашната економија во домашна валута“, велат од Народната банка.

Инаку, согласно со законската рамка и сите меѓународни стандарди и правила, со девизните резерви управува исклучиво централната банка.

„Во однос на инструментите во кои тие се инвестираат, тековно најголем дел од девизните резерви или околу 82 отсто се инвестирани во хартии од вредност, а околу 8 отсто во валути и депозити во странски банки, додека околу 9,5 отсто се во монетарно злато. Сосема мал дел се држи и во специјалните права на влечење (SDR) на ММФ“, информираат од Народната банка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади иноватори изработија мобилна апликација за помош на дијабетичари

Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат...