Фото: Guillaume Perigois, Unsplash

Над 70 отсто од граѓаните сметаат дека членството во ЕУ е добра и корисна работа, процент што е уште повисок во споредба со минатата година, покажаа резултатите од истражувањето Еврометар на Евротинк – Центарот за европски стратегии. Истражувањето се спроведува традиционално од 2014 година.

„Последните податоци кажуваат дека најголемиот дел од граѓаните остануваат силни поддржувачи на Европската Унија. Во споредба со крајот на 2020, годинава е зголемен процентот на граѓани кои сметаат дека членството во ЕУ е „добра работа” (70.8%) и „корисна работа” (74.3%)“, се вели во извештајот.

Понатаму се додава дека за 5 процентни поени се зголемени и очекувањата за брз влез во ЕУ, а повеќе од две третини (70.9%) од граѓаните би гласале ЗА на референдум за влез во ЕУ и сметаат дека интеграцијата на земјава во Унијата ќе се случи во наредните 5 години.

„И покрај одолговлекувањето на почетокот на преговорите со ЕУ, поддршката за пристапувањето останува стабилна и бележи раст. 70.9% би гласале за приклучување на земјава кон ЕУ. Повеќе етнички Македонци сметаат дека С. Македонија треба да бара сопствен модел за развој, додека цели 82% од етничките Албанци сметаат дека Унијата е најдоброто решение. Останува стабилна и перцепцијата дека односот на ЕУ кон Македонија е нефер, надмен и уценувачки. За разлика од минатогодишните 59.2%, овој тренд забележува опаѓање, но процентот е сѐ уште висок и изнесува 47.4%“, се вели во извешајот.

Истражувањето покажало дека најголема доверба меѓу граѓаните имаат Армијата (61%), Претседателот (41%) и верските заедници (35%). Од друга страна, граѓаните најмалку им веруваат на Обвинителството (14%), судовите (13%) и Државната комисија за спречување на корупцијата (17%).

Првпат годинава во традицоналната анкета се мерени и ставовите на граѓанството за пандемијата на ковид-19.

„Голем дел од граѓаните имаат негативна перцепција за полицијата. 63% не се согласуваат дека полицијата во С. Македонија е независна од политички, владини или бизнис интереси. Од друга страна, пак, 57% од граѓаните сметаат дека полицијата добро ги извршува своите задачи за време на пандемијата со ковид-19. Исто така, голем број од граѓаните (65%) изразуваат позитивен став за работата на полицијата во време на забраните за движење во текот на пролетта 2020 година“, се вели во заклучоците од истражувањето.

„Еврометар“ е истражување преку кое „Евротинк“ традиционално го испитува мислењето на граѓаните за прашања поврзани со евроинтеграциите и довербата на граѓаните во државните институции. Истражувањето е спроведено од страна на агенцијата Индаго во периодот од 4 до 15 февруари 2021 година на репрезентативен примерок од 1.015 испитаници со +/- 3% маргина на грешка.