fbpx

Еврокомесарот Вархеји утре во Скопје, Османи во петок на средба со Захариева во Софија

-

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информираше за важните посети што ќе се одржат неделава, а се значајни за евроинтеграциските процеси на земјата. Тој ја најави утрешната посета на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на Скопје, која доаѓа по денешното објавување на Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија и економскиот пакет за Западен Балкан.

Османи најави дека веќе во петок ќе оствари официјална посета на Софија, каде ќе има средба со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.  Тој информираше дека засилената агенда е во пресрет на претстојните самити на ЕУ во ноември и декември, кога се очекува и финализацијата на Преговарачката рамка, како и одржувањето на првата Меѓувладина конференција како формален старт на преговорите со ЕУ.

Во рамките на очекувањата за постигнатиот напредок во европските интеграции, Османи посочи на реализација на бројните реформски планови изминатиот период, нешто што беше потврдено и во бројни извештаи претходно, притоа, посочувајќи го и успешно завршениот набљудувачки скрининг како прва фаза од пристапните преговори.

„Сите овие активности веќе беа валоризирани и преку Одлуката на Советот на ЕУ од март за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Очекувам, Европската Комисија да го валоризира напредокот од аспект на содржинскиот Дијалог со Европската Комисија, кој неспорно е кренат на повисоко ниво. Во оваа насока имаме обврска да продолжиме во иста насока, и преку засилен ангажман, и на Владата, и на сите политички чинители, да ја финализираме и да ја пополниме преговарачката структура, со цел и политички и административно – технички да го пречекаме стартот на преговорите од крајот на годината“, нагласи Османи.

На брифингот, Османи информираше и за официјалната посета на Бугарија во петок оваа недела, каде што тој ќе оствари средба со бугарската министерка Екатерина Захариева, што ќе претставува и негова прва официјална билатерална посета како Министер за надворешни работи.

„Очекувам да испратиме пораки на пријателство, пораки на взаемна поддршка, а во насока на заедничкиот интерес за европската иднина на целиот регион. Оваа посета претставува исполнување на првиот приоритет од мојата мандатна мисија како предводник на дипломатијата – а тоа е активен придонес во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи“, истакна Османи, посочувајќи и на претстојниот Софиски самит на Берлинскиот процес, како можност за реафирмација на пријателските односи меѓу двете земји.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...