Еврокомесарката за проширување Марта Кос, за време на посетата на Нови Сад, им оддаде почит на жртвите кои го загубија животот при падот на пнастрешницата на 1 ноември мината година, објави таа на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер).

„Дојдов во Нови Сад за да им оддадам почит на 16-те животи кои беа изгубени во трагедија што можеше да се спречи“, напиша Кос.

Таа објави и фотографии на кои се гледа како положува цвеќе на железничката станица во Нови Сад, и додаде дека сочувствува со жртвите и нивните семејства.

Кос денес ја завршува дводневната посета на Србија. Во текот на денот ќе се сретне со претставници на пратеничките групи од опозицијата, а потоа и со претставници на партиите кои се дел од владејачката коалиција.

Во рамки на вчерашната агенда, таа оствари средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут и претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ.

Во својата изјава, еврокомесарката ги повика српските власти да соработуваат со Европската унија во насока на воспоставување независно судство, слободни медиуми и изборни рамки кои ќе ја одразуваат волјата на граѓаните на Србија.